| четврток, 6 декември 2018 |

ДПМ одбележа 69 години постоење: Врачени годишните награди на писателската асоцијација

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година. Прв претседател на ДПМ беше големото име на македонската поезија и научна книжевна дејност, Блаже Конески. Богатата и долга традиција на писателската асоцијација досега ја граделе 520 писатели од различни генерации, со различни творечки определби, со високи творечки остварувања во сите жанрови, автори кои создавале и создаваат на македонски, албански, турски, српски, хрватски, ромски, влашки и бошњачки јазик.

„Во различните периоди од културниот и општествениот развој ДПМ се јавуваше како константа и репрезент на творечкиот устрем кој ја легитимираше нашата литература и култура во земјата и во светот. Важен и неодминлив аргумент во оваа смисла се многубројните преводи на делата на нашите писатели во светот и книжевните признанија за потврдените естетски дострели. ДПМ и во периодот на транзицијата успешно се справи со непредвидливите предизвици што таа ги наметна. Се покажа дека и во вакви ситуации писателите создаваат со несмален интензитет и дека гласот и ставот на писателите е во нивните дела. Тие дела се трајна придобивка на македонската литература и култура“, рече Борче Панов.

Во текот на 2015 година ДПМ покажа интензивна активност во реализацијата на програмата. Циклусот „Поетски караван“ го реализираше со 20 настапи на кои учествуваа 115 членови ширум Македонија, и беше проследен од 2.500 љубители на литературата во речиси сите градови низ државата. Циклусот заврши со „Средба на генерациите“ на манифестацијата „Денови на Блаже Конески“.

Минатата година беше востановена „Повелба Блаже Конески“, а нејзин прв добитник е академик Матеја Матевски. Истотака, во 2015 година ДПМ за првпат ја додели наградата „Даница Ручигај“, додека од соработката со Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ оваа година за првпат ќе биде доделена награда за поетска книга „Державин“. Од минатата година ДПМ ја доделува наградата „Книжевен мост“ за најдобра книга објавена на јазиците на националностите. Книжевната ревија „Стожер“ од 2015 година стана достапна во електронска форма.

„Зад нас останува една исклучително плодна година исполнета со низа активности, што има особено значење бидејќи сето е постигнато во кризна општествена ситуација, со низа турбулентни настани. Писателите покажаа дека и во вакви околности создаваат со мотивација и енергија која ги гради новите творечки изохипси со кои ќе можат да се гордеат идните генерации. Илустративен факт во оваа смисла се наградените книги, но и сите дела објавени во 2015 година“, потенцира Панов.

Наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година ѝ беше врачена на Оливера Николова за збирката новели „Кадифената покривка“, а Славе Ѓорѓо Димоски ја прими наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга за стихозбирката „Јазичен триптихон“. Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга со литературна критика и есеј ја доби универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска за книгата „Семеен албум“. Книгата „Златко-Златец“ од Велко Неделковски е наградена со „Ванчо Николески“, што се доделува за најдобра книга за деца, а наградата „Книжевен мост“, за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Република Македонија, му припадна на поетот од турска националност Јусуф Едип за стихозбирката „Прашинка“, објавена на турски и на македонски јазик.

Писателката Оливера Николова, примајќи ја наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга се потсети на познанството со Стале Попов, кажувајќи една анегдота. Во една прилика тој ѝ кажал дека пишувањето е како пливањето и дека ако не влезе во водата нема да научи да плива. „Прво ќе преташ, а потоа ќе научиш да пливаш“ – ѝ кажал Стале Попов. „Ами, ако се удавам“ – прашала Николова. „Ако се удавиш, тогаш веќе нема да имаш проблеми“ – одговорил Стале Попов.

Поетот Славе Ѓорѓо Димоски рече дека поезијата не е глас, туку е тишина, термин што длабоко е поврзан со поезијата на Ацо Шопов, тишина што македонските поетски генерации гласно ја разнесуваат низ светот.

Книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска доделувањето на книжевните награди го спореди со филмските награди Оскар, изразувајќи благодарност за наградата, но и до медиумите кои придонесуваат нивните награди да бидат објавени во јавноста.

Писателот Велко Неделковски потсети дека досега објавил дваесетина книги за деца и млади и уште толку сликовници, и дека му причинува огромна чест добивањето на наградата „Ванчо Николески“, додека писателот Јусуф Едип ја изрази својата среќа што по педесет години добива книжевна награда во Македонија.

Во текот на 2016 година Друштвото на писателите на Македонија интензивно ќе се подготвува за прославата на јубилејот – 70 години ДПМ, што ќе биде одбележан на почетокот на 2017 година.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top