Финансиска поддршка во висина од 615 илјади денари по компанија за отворање до три работни места ќе овозможи новата пилот мерка „Финансиска поддршка на брзорастечки микро и мали компании или т.н. газели. Новата мерка што ќе се реализира годинава, денеска ја најавија заменик -министерот за труд и за социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски и претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Република Македонија Миле Бошков.
- Се предвидува со буџетот што го обезбедивме во висина од 6 милиони и 650 илјади денари финансиски да ги поддржиме најуспешните микро и мали компании, кои успешно работат изминатите неколку години, бележат раст и развој и имаат бизнис план за понатамошен развој на сопствената компанија и за зголемување на бројот на вработени- нагласи Спасов.
Со оваа мерка и со оваа финансиска поддршка, како што рече, ќе се поттикне понатамошниот развој на мали и микро компании, особено во областа на производството и современи услуги, како на пример информатичките технологии. Спасов изрази надеж дека оваа мерка ќе биде успешна и оти понатаму ќе влезе како стандардна мерка во Оперативните планови на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.
Бизнис конфедерацијата на Република Македонија, која е реализатор на оваа мерка, во рангирањето на најуспешните микро и мали компании, кои ќе добијат финансиска поддршка од 615 илјади денари ќе вклучи претставници од сите стопански комори и сојузи во Македонија.
– Се со цел да имаме претставници од сите организации на бизнис заедницата, кои ќе учествуваат во рангирањето на компаниите- рече Спасов.
Директорот Поповски ги повика сите микро и мали компании кои постојат пред 2012 година, имаат најмалку двајца вработени и позитивно салдо во последните три години да аплицираат и да бидат дел од оваа програма. Тој изрази надеж дека ќе се изберат најквалитетните фирми од Македонија. Пријавувањето е од денеска до 12 март.
-Со оваа активност, односно промовирање на газелите како добар пример на водење бизнис, особено кај мали и микро компании ќе поттикнеме одржливост, знаење, квалитет и опстојност во македонската економија- рече Бошков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.