Првиот случај за кој Специјалното јавно обвинителството (СЈО) отвори истражна постапка е „Титаник“, а се однесува на дела поврзани со изборите, соопшти денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата во СЈО посочи дека е отворена истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања во 2012 година. Наведе дека министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски и секретарот на тогашната влада, како и други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите.
Специјалното обвинителство денеска доставило барања за притвор за осум лица, но не прецизира за кои. Едно лице е веќе приведено и изведено пред суд. Се работи за Едмунд Темелко, градоначалник на Пустец, кој бил приведен рано утрово во Ресен. Обвинителството побарало итно приведување на Темелко поради тоа што тој има и македонско и албанско државјанство и постои ризик да ја напушти државава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.