На 6 февруари, ресторанот „Форца“ во Скопје беше домаќин на прекрасна магична вечер исполнета со музика, специјално селектирана интернационална кујна и разновидност од вина, пива и од коктели. Само за оваа вечер од Њујорк дојде еден од светски најпознатите и најбарани кларинетисти, мултиинструменталист и композитор Васко Дуковски, магистер на школата за музика „Џулијард“, придружуван од светски познатата американска танчарка, текстописец, актерка и пејачка Нора Фокс. Оваа фузија беше надополнета од звуците на пијано на џез-пијанистот и композитор Васил Хаџиманов, кој дипломирал на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, македонскиот џез-музичар, перкусионист и тапанар Виктор Филиповски, кој дипломирал на Академијата за музика при факултетот „Гоце Делчев“ во Штип на отсекот џез-музика и контрабасистот Кирил Туфекчиевски, дипломец на Универзитетот за музика и уметности во Грац, Австрија.
Дуковски е музичар од највисок калибар, еден од најбараните инструменталисти на својата генерација. Во неговата биографија стои дека соработувал со најголемите светски музички имиња на денешнината како Џон Корлијано, Џон Адамс, Гантер Шалер, Јехуди Вајнер, Георг Фридрих Хас, Хелмут Лахман, Филип Урел, Џорџ Луис и многу други.
Музиката на Дуковски, велат критичарите, ги спојува континентите. Зад себе има многу учества, гостувања и награди од целиот свет. Охриѓанецот со своето друштво се обиде да го донесе во Скопје гламурот и музиката од Бродвеј.
Како е замислена Бродвејската вечер во Скопје? Ќе успеете ли да го преселите Њујорк во Скопје?
ДУКОВСКИ: Предизвикот да се пресели Њујорк во Скопје е голем, но ќе се потрудиме тоа да го направиме преку магијата на музика. Дали ќе успееме во тоа или не, останува непознато и ќе дознаат само тие што ќе бидат присутни. Замислата за оваа магична вечер е рекреација на доживување на мал дел од тоа што човек може секојдневно да го види и искуси во Њујорк шетајќи се на познатиот „Бродвеј“ и по бродвејските барови, театри и кабареа.
Дали ова ќе биде Ваш прв настап со сестраната Нора Фокс?
ДУКОВСКИ: Ова е наш прв настап во оваа конфигурација изведувајќи бродвејски хитови, но не и прва соработка. Веќе две години соработуваме и настапуваме низ Њујорк.
За Бродвејската вечер во Скопје ќе се собере убаво друштво. Освен Вие и Фокс, ќе настапат и Васил Хаџиманов, Виктор Филиповски и Кирил Туфекчиевски. Што ќе биде на репертоарот?
ДУКОВСКИ: Вечерта ќе биде едно прекрасно дружење и спој меѓу Њујорк, Скопје и Белград, а заеднички јазик на комуникација ќе биде музиката! Програмата ќе биде исполнета со дела на Гершвин, Сондхајм, Бернштајн, Арти Шо, но и со наши оригинални композиции.
Како се успева во Њујорк? Вие сте еден од светски најпознатите и најбарани кларинетисти, мултиинструменталист и композитор, кој со години живее и учи во САД.
ДУКОВСКИ: Успехот е релативна и индивидуална работа, интегритетот и уметничката соодветност не се. Во Њујорк, а и каде било во светот, патот кон тоа што светот го разбира или не како „успех“ е долг, макотрпен, непознат, преполн со несекојдневни авантури, формиран од секојдневни познанства и од континуирана консумација на здрави работи. Постојат безброј рецепти за успех. Сите ние сме различни и на секој од нас му е потребна индивидуална формула за успех, која, за жал, се формира со искуство и постојано се менува.
Вие бевте од тимот што стоеше зад „Светскиот оркестар за мир“. Какви искуства носите од тој настап?
ДУКОВСКИ: Проектот „Светски оркестар за мир“ беше еден голем предизвик со една единствена универзална идеологија, која секој од нас ја посакува, мир на оваа наша планета, на овој единствен дом во кој ние, луѓето, сме само гости со неколкудекаден престој. Искуството беше несекојдневно, исполнето со секојдневни непредвидени проблеми, исто како и животот на оваа планета, но музиката, нашиот заеднички и единствен универзален јазик беше решение на сите тешкотии.
Кои се Вашите идни проекти?
ДУКОВСКИ: Во моментов работам на неколку интересни нови проекти, но не би можел да кажам ништо повеќе.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: приватна архива
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.