| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на филмот „Обожение“ на режисерите Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов

Во киното „Мис Стон“ во Прилеп, вечерва, 12 февруари, премиерно ќе биде прикажан играниот филм „Обожение“.

Филмот е дипломски проект на двајцата режисери Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје, кој е работен во форма на триптих составен од деловите „Катарза“, „Созерцание“ и „Воздигање“. Филмот ги следи приказните на ликови, кои борејќи се со егзистенцијата ја оживуваат загубената духовност во нив и луѓето околу нив.

„Обожение“ е филм во времетраење од 75 минути и е несомнено голем и амбициозен проект на двајцата уметници. Создаден без никаков буџет, неговата реализација била огромен подвиг за авторите и за целата екипа на филмот која ја сочинуваат актери од Битолскиот и од Прилепскиот театар. Идејата на авторите се родила по нивниот петдневен престој во еден манастир во околината на Битола, каде што ги ставиле на хартија своите сценарија.

Целиот предпродукциски процес се одвивал до летото, по што почнува периодот на самата продукција и снимањето на филмот што се одвивал во околината на Прилеп и на Битола. Одлуката за реализирање на снимањето таму е поради, технички и продукциски причини, но и поради изобилието на прекрасна природа, планини, манастири што беа потребни за доловување на самата приказна на филмот.

Реализацијата на филмот „Обожение“ покажува дека не постојат граници и дека кога ќе се сретнат добрата идеја и вистински талентираната екипа, резултатите се секогаш многу големи. Желбата на Светислав Подлешанов и на Кирил Каракаш е „Обожение“ да стигне до многу луѓе како еден вид порака.

Во главните улоги се: Петар Горко, Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Аневска, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Митко Апостоловски, Владимир Ѓорѓијоски, Соња Михајлова, Милан Секулоски, Михајло Миленкоски, Димитар Црцороски и Марио Марковски.

Кинематографи на филмот се: Панче Пренџов и Влатко Џикоски; Маска и шминка Сашо Мартиновски, а продуценти на проектот се самите автори Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.

Филмот во Прилеп ќе биде прикажан и в сабота, 13 февруари, претходно проекции на филмот имаше во Битола, на 19 и на 20 февруари и во Кинотека на Македонија, а ќе учествува и на многу престижни фестивали низ светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top