Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски најавија ексклузивен настан од областа на визуелната уметност кој на македонската јавност ќе и претстави дел од творештвото на големиот Пабло Пикасо. Во Младинскиот културен цента од 19 февруари ќе биде поставена изложбата на раритетни графики, факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури кои го опфаќаат временскиот дијапазон од речиси четиридецениската работа на Пикасо.

-Оваа ексклузивна збирка на 46 дела која е поделена во три мапи – Двојна флејта, Фауна и флора од Антиб и Цртежите на Пикасо, всушност ќе ни ги долови врвното мајсторство и богатството на формата на Пикасо, неговото суштинско познавање на човечката анатомија, особено на женскиот акт, неговите креации кои според многумина може да се споредат со незапирливи експлозии од вулканска лава. Пикасо има создадено обемен графички опус, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век и во таа смисла, навистина радува можноста да се видат овие негови ретко достапни дела, рече Канческа-Милевска.

Според голем дел критичари и аналитичари, Пикасо, без конкуренција, е единствениот автор чиј уметнички габарит е се уште предизвик и предмет на проучување на голем број историчари на уметноста, писатели, па дури и психоаналитичари, а изложбите на неговите дела привлекуваат исклучително внимание кај публиката. Навистина радува фактот што Република Македонија во колекцијата на Музејот на современата уметност од 1965 година поседува дело од овој уникатен автор, „Глава на жена“, кое со отворањето на постојаната поставка и големата реконструкција на Музејот во 2014 година, по повеќе од 20 години е повторно постојано изложено за сите посетители на оваа наша институција.
-Во оваа смисла, уверена сум дека и оваа изложба, оваа збирка која е во сопственост на галеријата „Висконти“ од Љубљана, Република Словенија, ќе биде богато визуелно задоволство за уметничката фела, но и за македонската јавност која има навистина константна потреба за задоволување на своите уметнички апетити, подвлече министерката.
Директорот Стефковски соопшти дека галеријата на МКЦ од 19 февруари до 16 март, до кога ќе биде поставена изложбата на дела од Пикасо, ќе работи секој ден од 9-21 часот и влезот ќе биде бесплатен.
Беше потенцирано дека оваа година ќе се реализираат и други ликовни претставувања на странски автори во нашата земја, меѓу кои и изложбата на етаблираните автори од Хрватска, Кожул и Жижек и други, но и повеќе ретроспективни изложби на доајените на македонската ликовна уметност, како Петар Хаџи Бошков, Никола Мартиноски, Спасе Kуноски, Вангел Наумоски и други значајни творци. Предвидени се и ликовни претставувања на Решат Амети, Игор Тошевски, Славица Јанашлиева, Жарко Башевски, Kасиопеја Наумовска, Милчо Манчевски, Димитар Манев и многу други автори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


