| четврток, 6 декември 2018 |

Неочекувани изборни резултати во САД: Круз подобар од Трамп, Хилари и Сандерс во мртва трка

izbori sad

Сенаторот од Тексас, Тед Круз, победи на внатрепартиските избори на републиканците во американската држава Ајова победувајќи го милијардерот Доналд Трамп. Според прелиминарните резултати, Круз има 28 проценти од гласовите на сопартијци, а Доналд Трамп – 24 проценти.

Кај демократите, пак, поранешната државна секретарка и прва дама Хилари Клинтон е во тесна трка со левичарот Берни Сандерс.

Победата на Круз е тежок удар за Трамп, кој, според анкетите, со месеци водеше во трката за републиканската претседателска номинација, без оглед на контроверзните изјави за жените и малцинствата. Ајова е во фокусот на вниманието неколку месеци бидејќи од таа држава почнуваат гласањата за избор на претседателски кандидат за изборите во ноември. Сепак, не значи дека победникот во Ајова ќе има суштинска предност, и покрај тоа што може да значи многу во натамошната трка.

Хилари Клинтон, пак, беше голем фаворит во Ајова, но резултатите покажаа дека се изедначени.

Следната недела изборите се селат во Њу Хемпшир каде што фаворит е Сандерс, а тамошниот пораз би значел аларм во демократската партија кој ќе внесе сомнеж за нејзината способност да го победи републиканскиот кандидат на претседателските избори.

Ајова долго време има клучна улога во изборите во САД. Историски победата не гарантира дека кандидатот ќе ја добие номинацијата на својата партија. Државата претставува само околу еден процент од делегатите што го избираат кандидатот на партијата. Но, со победата во Ајова, или дури и со неочекуван резултат се дава поттик на кандидатот и се добива медиумско внимание, а лошиот резултат може дури и да ја прекине кандидатурата.

Трамп рече дека е почестен од поддршката во Ајова и вети дека ќе продолжи да се бори за републиканската претседателска номинација.

-Лесно ќе ги победиме Хилари или Берни или кој и да номинираат – рекол Трамп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top