Ја паметиме Маргарита Христова, битолчанката што пред повеќе од 20 години се појави на македонската музичка сцена. Последниве години Маргарита Христова не е присутна на македонската сцена. Се запрашавме каде е поп-пејачката која порано се појавуваше на македонските фестивали. Ја најдовме на „Фејсбук“, а таа со задоволство одговори на нашето прашање каде е денес:
– Сѐ уште сум активна со музика, можеби и поактивна од порано иако ме нема во Македонија воопшто. Патувам многу бидејќи моите настапи се надвор од земјава. Настапувам најчесто во Турција, Малта и во Италија. Успешна соработка имам со најпознатиот турски тенор Хакан Ајсев, со кого снимивме дует и оттогаш јас сум гостин на неговите концерти во Турција и во Германија. Учествував и на фестивал во Малта, каде што од учесници од 20 земји ја добив наградата за најдобар глас и оттогаш ми се отворија вратите и неколку пати годишно учествувам на концерти кои ги организира WAFA (World asotiation of festival and artist), каде што единствен член од Македонија сум јас.
Маргарита Христова е задоволна од она што го постигнала во Турција. Кога разговаравме, ни кажа дека е дел жирито на турскиот „Идол“. Посочи дека оди и за Франција како гостин на концертот на Ен Марија Давид, евровизиската победничка во 1973 година, која го претставуваше Луксембург.

Од концерт во Турција
Иако е активна надвор од македонската сцена, таа сѐ почесто посакува да сними нешто ново во Македонија.
– Сакам да снимам нешто за своја душа. Искрено се надевам дека кај нас за брзо време ќе се средат работите на музичката естрада и ќе имаме вистински квалитетна и независна естрада – додава таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


