Започна со работа пазарот во Маврово што заедно со поголемиот во Ростуше се дел од проектот „Промоција на еко производи во прекуграничната област“ финансиран од Европската унија како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија.
Според градоначалникот на Маврово-Ростуше, Мукрем Мехмеди на овој начин им се овозможува на жителите, освен на организиран начин да ги нудат своите еко производи на туристите, и да имаат место каде ќе се снабдуваат со потребните производи наместо како досега да одат во другите градови како Дебар, Гостивар и слично.
„Отворањето на пазар беше барање од порано на жителите на Маврово. И ако прошетаме по други туристички центри како Копаоник или Банско секаде постојат локални пазари на коишто жителите можат да ги претстават своите производи, а со тоа да остварат приходи, изјави Мехмеди.
Денеска на пазарот во Маврово туристите и посетителите можеа да пробаат и да купат сирење и млечни производи, мед, костени и други шумски плодови, печурки и лековити автохтони видови растенија за чаеви, специјалитети и домашни изработки што како природен ресурс го има Мавровско-реканскиот крај, односно Националниот парк Маврово како заштитено подрачје.
Жителите на регионот очекуваат дека на овој организиран начин нивните квалитетни производи со природно, еколошки здраво потекло ќе добијат поширок пласман меѓу домашните и странските гости.
„Сакаме да го промовираме Маврово со нашите производи што ги произведуваме дома. Тоа е нашиот мавровски качамак, имаме и компот од праски и од дренки, домашни јаболка што воопшто не се прскани, изјави Нина Спасеска од Маврово.
Ибраим Османи од селото Дуф посочи дека сеемен бизнис им е сточарството. – Имаме околу 1.000 овци и претходно произведеното сирење сум го трошел по синдикатите. Ова е туристичко место, има народ и мислам дека пазарот ќе работи, истакна Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.