| четврток, 6 декември 2018 |

Повторно заладени односите меѓу Русија и Турција

Односите меѓу Русија и Турција повторно се заладуваат. По соборувањето на рускиот авион, турските власти вчера пак излегоа со обвинение дека уште еден авион на Русија го нарушил воздушниот простор на Турција.

Турскиот министер за надворешни работи, Ахмед Давутоглу објави дека на 29 јануари руски авион Су-34 го нарушил воздушниот простор на земјата го повика рускиот амбасадор во Министерството за надворешни работи поради наводниот воздушен упад.

Русија пак остро демантира и вели дека овие обвиненија се „пропаганда без доказ”.

„Немало никакви нарушувања на воздушниот простор на Турција од авиони на руската авиогрупа во Сириската арапска република. Тврдењата на турската страна дека руски авион Су-34 го нарушил воздушниот простор се чиста пропаганда”- изјави портпаролот на Министерството Игор Конашенков.

Во овие препукувања се вмешаа и САД поддржувајќи ја турската страна.

Министерството за одбрана на САД „може да потврди“ дека руски борбен авион Су-34 го повредил турскиот воздушен простор во петокот, се вели во соопштение на портпаролот на Пентагон. Сепак Вашингтон ги повика и Москва и Анкара „да преземат мерки за да се спречи ескалација“.

Претходно, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека го повикал на средба рускиот лиред Владимир Путин,но се уште не се знае дали ќе се сретнат.

Двајцата претседатели не се сретнале по соборувањето на рускиот воен авион од страна на турски ловец покрај турско-сириската граница во ноември минатата година. Тој инцидент беше причина за големата криза во билатералните односи, која се уште трае.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top