Шпанските ракометари ја продолжуваат битката за полуфинале на Европското првенство во Полска, откако славеа против Унгарците со 31-29 (15-15), на едно коло до крајот од втората фаза.
Шпанците прописно се намачија против отпишаните Унгарци за да стигнат до посакуваната победа. Ракометарите на Унгарија во текот на целиот натпревар беа сосема рамноправен противник, но пресудија моментите кон средината на вториот дел кога „фуријата“ успеа да создаде предност од два до три гола која ја одржуваше до крајот на мечот.
Валеро Ривера кај Шпанците беше најефикасен со пет гола, а дури четири ракометари постигнаа по четири погодоци, Томас, Ентрерио, Канељас и Гарсија. На Унгарците, да го избегнат поразот, не им помогна ниту одличната партија на Ласло Наѓи кој заврши со девет погодоци.
Шпанците на едно до крајот сега имаат 6 бода, па во последното коло со триумф против Русија ќе мора да го обезбедат пласманот меѓу најдобрите четири најдобри на Стариот континент. По шест бода во моментов имаат и Данска, но и натпревар помалку, и Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.