| четврток, 6 декември 2018 |

Струмичкикот карневал годинава почнува на 9 март

Струмичкиот карневал годинава ќе се одржи на 9 март, најавува организаторот. Тој се поврзува со протерувањето на зимата и пречекувањето на пролетта. Карневалот е поврзан со тримерските денови, односно почетокот на Велигденскиот пост. Обичаите поврзани со Тримери почнуваат недела вечерта пред Прочка и траат до среда.

– Карневалот според традицијата секогаш е во вторник, но струмичкиот карневал само временски се совпаѓа со тримерскиот пост, но не и суштински. Тримерите се христијански обичај, додека карневалот е остаток од некој пагански култ. Инаку, струмичкиот карневал се поврзува со „армасаните“, односно верените двојки и тогаш маскирани постари жени веќе запознаени со семејниот живот и обврските на жената во брачниот живот одат во куќата на верената и ја подготвуваат за брачните води, пеејќи песни со сексуална содржина се со цел да ја воведат во новиот живот. Маскираниот вереник ја посетува на полноќ заедно со други момчиња и таа треба да го препознае меѓу останатите момчиња дека станува збор за нејзиниот вереник – објаснува Јасмина Мангалиевска, етнолог.

Фолклористите додаваат дека овие обреди се обреди на премин и се поврзуваат со будењето на природата и нејзиното оплодување. Одржувањето на Струмичкиот карневал зависи од празникот Прочка, односно Велигден. Годинава главното интернационално дефиле ќе се одржи на 12 март со почеток во 18.30 часот. Карневалското славје ќе почне на 9 март со традиционалниот маскембал на кој се избираат принцот и принцезата кои ќе ја предводат поворката на главната вечер. Завршните активности се врзани за празникот Тримери и тримерската посна трпеза. Инаку, Струмичкиот карневал има натпреварувачки карактер.

Вкупниот награден фонд ќе изнесува 6.850 евра. Во категоријата А(групна маска над 50 лица) е 1000, 900 и 800 евра, во категорија Б (групна маска од 30 до 50 лица) е 600, 500 и 400 евра, категорија В (групна маска од 20 до 30 лица) е 500, 400 и 300 евра, во категорија Г (групна маска од 10 до 20 лица) е 400, 300 и 200 евра, во категорија Д (групна маска од 5 до 10 лица) е 150, 100 и 75 евра и во категорија Ѓ (поединечна маска од 1 до 5 лиоца) е 100, 75 и 50 евра.

Организацискиот одбор ќе додели една награда во износ од 9.000 денари на конкурс за карикатура и една награда за најдобра фотографија од 6.000 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top