Емигрантската криза, на чијшто удар се најде европскиот континент, сериозно го доведе во прашање Шенгенскиот договор, а доколку тој пропадне, најтешки последици ќе почувствуваат земјите од Западен Балкан, предупреди словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак, во интервју за денешниот број на „Независне новине“.
– Кога немаме веродостојна стратегија на европско ниво, земјите носат одлуки сами за себе. И тоа само покажува колку е важно Европската унија да излезе со реална и спроводлива стратегија за тоа како да се реши прашањето со емигрантите. Бидејќи, ако продолжиме да донесуваме одлуки секој за себе, тогаш можеме да дојдеме во ситуација Шенгенскиот договор да исчезне. Се плашам дека најголемата цена од тоа би ја платиле граѓаните на Западен Балкан – вели Лајчак, дипломатот, кој одлично ги познава околностите во регионот.
Тој вели дека досега се предлагале многу нереални решенија, кои било невозможно да се спроведат, што само ги отежнало состојбите. Сепак, Лајчак додава дека и покрај тешкотиите верува дека на крајот ќе се најде некаков одговор, кој би бил прифатлив за сите земји-членки на ЕУ.
Според Лајчак, клучот во заштитата на надворешните граници на шенгенскиот простор е таму да се регистрираат бегалците. Тој вели дека сега најголем проблем претставува тоа што бегалците минуваат низ Грција без посебен надзор и ограничувања, а до јуни, кога е рокот за воспоставување на заедничката служба за надзор на границите, има уште многу време и тешко е да се предвиди што ќе се случи дотогаш.
На директно прашање на новинарот на „Независне новине“ дали кризата води кон распраѓање на Унијата, Лајчак одговори дека не верува дека ќе се случи тоа.
– ЕУ ќе биде тука, бидејќи таа им е потребна на земјите-членки, па на таа тема не треба да се троши време, вели шефот на словачката дипломатија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.