| четврток, 6 декември 2018 |

Пристигна електромобилот за градската администрација

Градот Скопје стана првата локална самоуправа во Република Македонија што набави патнички автомобил на електричен погон (електромобил) за потребите на градската администрација. Новото електрично возило кое е од марката Nissan Leaf, денеска го промовираа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје Ирена Мишева.

„Со набавката на овој електричен автомобил Градот Скопје стана првата локална самоуправа во Република Македонија што набавила електрично возило. На овој начин ја потврдуваме заложбата за електромобилност во Скопје, со примена на нови технологии, движење со нула емисии на штетни издувни гасови, почиста и поздрава животна средина и намалување на трошоците за одржување. Ова возило е со 5 врати, со електричен серво управувач, со моќност на моторот од 80 киловати и батерија од 24 kwh. Со обичен приклучок возилото се полни околу 10 часа, а со посебен приклучок – за околу 4 часа. Целосното полнење на батеријата (на евтина струја) чини 67 денари, со која автомобилот поминува 190 километри. Она што е најважно е што емисијата на јаглероддиоксид е 0 проценти со што директно придонесуваме за почиста и поздрава животна средина, рече денеска градоначалникот Трајановски.

За набавка на овој електричен автомобил Градот Скопје потроши околу 1,8 милиони денари со ДДВ. Возилото е набавено од фирмата ТД „Ка-дис“ ДОО Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top