Британската компанија „Ендава“ вработи над 100 ИКТ професионалци со полно работно време во претставништвото во Скопје.
Компанијата, како што информира, планира во следните три до четири години да го зголеми бројот на вработени до 400.
– Возбудени сме што сме дел од културата на успехот на „Ендава“, преку испораката на иновација особено во компетитивниот ИТ-пазар. Тоа го правиме за врвни имиња во широк распон на индустрии и притоа сме сигурни дека нашите луѓе се движечката сила зад развојот на нивните лични кариери. Исто така, ги менуваме традиционалните пристапи со новите технологии, вели Ендру Браун, менаџер на единицата за испорака во Скопје.
Според британскиот амбасадор Чарлс Гарет, оваа британска компанија добро работи во Македонија.
– Бројот од 100 вработени е достигнување што заслужува вистиско одбележување. Се надевам дека „Ендава“ ќе продолжи да придонесува во развојот на ИТ-секторот во Македонија, како и на пошироката македонска економија – истакна Гарет.
Канцеларијата во Скопје е отворена во 2014 година, а се проширува во ноември истата година кога се отворени канцелариите од 3.000 квадратни метри.
„Ендава“ е приватна компанија за ИТ-услуги со над 2.500 вработени и канцеларии во Њујорк, Атланта, Њу Џерси, Лондон и Франкфурт и шест центри за испорака во Романија, Молдавија, Македонија и во Србија. Основана е во 2000 година и работи со некои од водечките светски компании во секторите банкарство, исплати, осигурување, малопродажба, патувања, телекомуникациски компании, медиуми и издаваштво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.