| четврток, 6 декември 2018 |

Се градат два, во план уште четири кружни текови во Скопје

Досега градските власти изградија повеќе кружни текови: на улиците Ѓорче Петров, Боца Иванова, Лазо Трповски, кај црквата „Свети Петар и Павле“, кај Kатоличката црква и на булеварот Партизански одреди во Порта Влае.

Во тек е изградбата на кружните текови на улицата 16. македонска бригада во Автокоманда и на пробивањето на булеварот Србија. Бидејќи се покажаа како вистинско сообраќајно решение, Градот и понатаму ќе продолжи со нивната изградба. Во фаза на проектирање се турбокружни крстосници кај Министерството за образование и на булеварот Kочо Рацин, а исто така се планира и изградба на кружни текови на улицата Скупи, кај „Хубо маркет“ и на улицата Павел Шатев (поранешна Бихаќска).

– Kружните текови во практиката се покажаа како идеално решение за сообраќајните проблеми во градот, а со нивната изградба Скопје доби комплетно нов сообраќаен лик – сметаат надлежните во Градот.

Градските власти велат дека со изградбата на кружните текови значително се подобри ефикасноста и проточноста во сообраќајот на подрачјето на целиот град, се намали сообраќајниот метеж и долгите редици возила што чекаа на семафорите и се зголеми безбедноста на сите учесници. Воедно, со зголемувањето на проточноста на сообраќајот и намалувањето на метежот се придонесува за намалување на загадувањето на воздухот од издувните гасови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top