Во време на сѐ поголема достапност на информации, пациентите во Македонија често сакаат да одбегнат посета на лекар и при скршеници или при слични повреди наместо на лекар, одат кај надрилекари, коскоместачи, таканаречени железничари.
Во денешно време на комуникација и на достапност до информации, луѓето претпочитаат вистинска, професионална медицинска услуга и помош. Како лекар хирург сметам дека одењето на надрилекари, местачи и на железничари кои би ви наместиле исчанчен зглоб или би ви исправиле скршена нога, е погрешно, од многу причини. Тие ниту се едуцирани, ниту се обучени за таа проблематика, ниту, пак, е законски дозволено да даваат медицинска заштита и услуга, вели во интервју за „Република“ д-р Љупчо Николов, трауматолог при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар.
Со доаѓање на зимата, се зголемува и работата на трауматолозите. Какви скршеници има најчесто? Кои делови на телото најмногу страдаат? Дали се тоа колковите, колената, зглобовите?
НИКОЛОВ: Да, во право сте. Со доаѓање на зимата, како резултат на пониската температура, на снегот и на голомразицата, обемот и фреквенцијата на пациенти со скршеници што ги третираме на нашата клиника е зголемен, а со тоа е зголемен и нашиот ангажман. Честотата, карактерот и типот на повредата се резултат на повеќе фактори. На пример, еден релевантен фактор е начинот на настанување на повредата – директен удар или директен пад, друг фактор е старосната возраст на пациентите. Во однос на старосната возраст, постои една предоминација на повозрасната популација (преку 65 години), во однос на помладата популација. Нивната бројка, т.е. честотата, се зголемува два до три пати во овој временски период. Најчестите повреди, посебно кај повозрасната популација, се скршен колк, потоа скршен рачен зглоб, скршен рамен зглоб, скршен скочен зглоб, скршен лакотен зглоб, кршење на долгите коски…

Најчестите повреди, посебно кај повозрасната популација, се скршен колк, потоа скршен рачен зглоб, скршен рамен зглоб, скршен скочен зглоб, скршен лакотен зглоб, кршење на долгите коски
Колкав е процентот на овие скршеници кои мора да се решат со операција?
НИКОЛОВ: Знаете, лекувањето на скршениците може да биде конзервативно и оперативно. Каков избор на лекување ќе направиме, односно ќе му предложиме на пациентот, зависи од типот, видот и од карактерот на повредата. Во трауматологијата постојат класификациски системи кои ни помагаат во одлуката за третманот, соодветна класификација на повредата – секој тип и поттип е проследен со соодветен третман. Со оглед дека скршениците на колкот се најчести, за нив можам да ви кажам дека тие во повеќе од 90 отсто од случаите се решаваат оперативно. Каков вид оперативна интервенција ќе се направи, дали имплантација на вештачки колк, или биолошки тип на оперативна интервенција со имплантација на специјални плочки или клинови, зависи од типот на скршеницата, како што и ви напоменав претходно. Процентот на оперативниот третман и кај останатите скршеници, како на рачниот зглоб, рамениот зглоб, скочниот зглоб, долгите коски е голем, повеќе од 80 проценти. Гледано во целост, оперативниот третман е многу повеќе присутен, почест избор тип на третман, во повеќе од 90 проценти од случаите.
Пациентите често сакаат да одбегнат посета на лекар и најчесто завршуваат кај надрилекари, коскоместачи, железничари. Каков е Вашиот став за овој тренд?
НИКОЛОВ: Сметам дека не станува збор тренд. Можеби станува збор за неинформираност и за незнаење. Во денешно време на комуникација и достапност до информации, луѓето претпочитаат вистинска, професионална медицинска услуга и помош. Како лекар хирург, сметам дека одењето на надрилекари, местачи и железничари кои би ви наместиле исчанчен зглоб или би ви исправиле скршена нога, е многу погрешно од многу причини. Тие ниту се едуцирани, ниту се обучени за таа проблематика, ниту, пак, законски е дозволено да даваат медицинска заштита и услуга. Во современите општества, а таму сме и ние нели, постојат соодветни законски регулативи за давање здравствена заштита и услуги, соодветни институции, соодветен кадар, едуциран и дедициран за таа проблематика, како на пример лекар хирург, лекар анестезиолог, лекар рентгенолог, лекар физијатар, физиотерапевт.

Како лекар хирург, сметам дека одењето на надрилекари, местачи и железничари кои би ви наместиле исчанчен зглоб или би ви исправиле скршена нога, е многу погрешно од многу причини
Дали лекувањето кај овие таканаречени железничари може да доведе до внатрешни крвавења на меките ткива, до тромбоза или пак до нешто друго?
НИКОЛОВ: Токму тоа е она што претходно ви го кажав, немањето соодветна едукација, обука и немањето законско право да го работат тоа, може да доведе до сериозни последици по пациентот. Бројот на компликации може да биде голем, од непрепознавање на скршена коска, непрепознавање на исчанчен зглоб, манипулација на повредено ткиво и коска, па сѐ до тоа да се направи дополнителна скршеница, дополнително изместување на коската и оштетување на околното ткиво, односно да се предизвикаат други локални и општи компликации кои можат да бидат опасни и по животот на пациентот. Ваквиот пристап на третирање скршеници, изместувања, исчанчувања на коски и на зглобови, може да доведе и до крвавења во ткивата, до инфекции, до тромбоза и до тромбемболија, кои се опасни за животот на пациентот. Овие компликации, посебно тромбемболијата, се пратени со висок степен на морталитет и на морбидитет, а воедно се и предизвик за решавање и за лекување дури и во современата медицина.
Во екот е и зимската сезона и зимските спортови. На што треба да внимаваат скијачите, а посебно почетниците, кога станува збор за евентуални повреди? НИКОЛОВ: Јас и самиот сум скијач и љубител на овој зимски спорт, па она што би препорачал на што да се внимава се однесува и на почетниците и на веќе поискусните скијачи, а тоа е соодветна физичка спремност, кондиција, знаење и техника на скијање, како и соодветна опрема. Особено би ја нагласил потребата од загревање, истегнување на мускулатурата пред спортската активност, придржување на прописите на скијачките терени во смисла почетник скијач на патека за почетници, да не се консумира алкохол, да се носи заштитен шлем. Општо земено, да не се форсира физички, бидејќи физичката исцрпеност го намалува вниманието, а со тоа се зголемува можноста за евентуална несакана повреда.
Дали Македонците сѐ почесто страдаат од болести на коските?
НИКОЛОВ: Не, не би рекол дека страдаме почесто од болести на коските во потесна смисла на зборот болест, односно не отскокнуваме ништо драстично во однос на статистичките податоци за болестите на коските во однос на соседните држави и на државите-членки на Европската заедница. Она што евидентно е во пораст кај нас и во развиените земји, а е во врска со скршениците на коските, на зглобовите, на ‘рбетот, поточно, на локомоторниот систем, е траумата, сообраќајниот трауматизам. Тој во моментот е на прво место по причина за смрт или инвалидитет кај луѓето во развиените земји, а потoa се кардиолошките и малигните заболувања. Тоа се должи на брзиот ритам на живеење, на стресот, на сите оние карактеристики на современите текови на живеење и на работење.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


