| четврток, 6 декември 2018 |

Историчар од „Оксфорд“: За името на Македонија треба да решат нејзините граѓани

Кога во 1701 од војводството Прусија Фридрих Први го создаде Кралството на Прусија, државата не можела така да се именува зашто дел од Прусија бил на територијата на Кралството Полска. Било јасно дека тогашното Кралство Полска нема да ја признае новата држава како Кралството на Прусија. Се размислувало и се нашло решение, па државата се именувала како ’Кралство во Прусија’, а Фридрих Први станал ’крал во Прусија’.

norman dejvis

Познатиот историчар од „Оксфорд“, проф. Норман Дејвис, коментирајќи го проблемот меѓу Атина и Скопје за прашањето за името, вели дека во минатото имало слични спорови за имиња на држави, но во случајот со Македонија суштинско е за името да решат граѓаните, а не некој однадвор.

– Апсолутно го познавам проблемот со името кој Македонија го има со Грција. И тоа не од денес, туку од поодамна. Не сочувствувам со Грција зашто не гледам причина зошто истото име не би можело да го користат и двете земји. За мене суштинското прашање останува – граѓаните, жителите на Македонија се тие што одлучуваат како ќе им се вика земјата, а не името да се решава однадвор – изјави за „Дојче веле“ професорот Дејвис, историчар од универзитетот „Оксфорд“, кој подолго време се занимава со Европската унија и движењата во Европа, особено по последните проширувања и финансиската криза.

Тој синоќа во претставништвото на Европската комисија во Берлин говореше за перспективите на Централна Европа и на Унијата, подвлекувајќи дека како историчар логично би било повеќе да говори за минатото, но сѐ почесто одговара и на предизвикот да го анализира идниот можен развој.

Како историчар, професор Дејвис оценува дека проблеми од типот на тој на Македонија имало и во минатото. Тој се наврати на слична голема расправија од пред 200 години во срцето на Европа.

– Вакво слично искуство имаше и Прусија. Кога во 1701 година од војводството Прусија Фридрих Први го создаде Кралството на Прусија, државата не можела така да се именува зашто дел од Прусија бил на територијата на Кралството Полска. Било јасно дека тогашното Кралство Полска нема да ја признае новата држава како Кралство на Прусија. Се размислувало и се нашло решение, па државата се именувала како Кралство во Прусија, а Фридрих Први станал крал во Прусија. Дури 70 или 80 години подоцна државата била преименувана во познатото Кралство Прусија. Тоа е пример за бариера околу името, за која, сепак, било најдено решение и државата преживеала – објаснува професорот Дејвис.

Прашан дали проблемот ќе се реши наскоро, имајќи предвид дека е актуелен, се преговара, се посредува, се притиска, сега и од страна на Унијата, или пак ќе потрае, тој со одговор: „Сметам дека грчката позиција е сѐ послаба и послаба. Јас не сум политичар, туку историчар и уште еднаш го кажувам мојот став: луѓето од државата треба да одлучат како ќе им се вика земјата“.

Сите држави од поранешната југословенска федерација во Европска унија, според историчарот Дејвис, ќе се вклучат постепено, чекор по чекор. Во таа смисла, по Словенија и Хрватска, која годинава треба да стане полноправна членка, неминовен е натамошниот развој во насока на ЕУ и на останатите земји наследнички. Тоа би резултирало со поуспешно заздравување на раните кои ги предизвикала војната и стабилизирање на целиот регион.

– Тоа ќе се случи, но мора да се смета дека е потребно време и сето тоа ќе потрае. Вклучувањето во Унијата е најдобриот пат за нормализирање на односите меѓу државите, кои не толку одамна, една против друга војувале – коментира професорот Дејвис од „Оксфорд“.

Пред берлинската публика тој пласираше дузина интересни тези за иднината на Унијата, чиј процес на развивање и проширување ќе потрае. Унијата има потенцијал во себе да обедини најмногу 41 држава и тоа почнувајќи од некогашната Источна Европа (Украина, Молдавија , Белорусија), преку Турција, до земјите од Балканот и Кавказот. Русија и Израел, како и соседниот арапски свет и Северна Африка не доаѓат предвид: ќе останат соседи, но не и членки на Унијата. Професорот проценува дека еврозоната ќе се стабилизира и во неа ќе се вклучат и други држави, како, на пример, Полска. Проширувањето ќе ја наметне и потребата од повторно доработување и менување на европскиот устав.

Освен позитивната визија за иднината на ЕУ, проф. Норман Дејвис, кој иако вели дека е историчар, а не астролог, сепак предвидува и критични точки кои можат да го доведат во прашање функционирњето и воопшто постоењето на Унијата. Според него, прво и основно треба да се расчисти и редефинира функционирањето на безбедносната политика и нејзината улога во рамките на Унијата и во НАТО. Тој не исклучува и внатрешни процеси кои би предизвикале сломови и бришење на некои држави од европската карта. Како примери проф. Дејвис го споменува Обединетото Кралството Велика Британија, кое го сочинуваат Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска, и каде што наредната година престои референдум за осамостојување на Шкотска. Иако не е убеден дека нешто драматично може да се случи, потсетува дека доколку референдумот, сепак, успее, тоа би значело исчезнување на Обединетотот Кралство во некоја поинаква државна формација. Во ризичната група е и Шпанија, каде што има чести барањата за отцепување на одделни провинции, но и Белгија каде што се наоѓа „централата“ на Унијата (Брисел), но каде што има континуирани искри.

Во „црното сценарио“ е и евентуалниот слом на еврозоната, но спред Дејвис, еврото како валута нема да исчезне, туку ќе остане како јадро поткрепено од силните држави како Германија, а од него ќе се одделат оние кои се на периферијата на еврозоната. Вистинска закана за иднината на Унијата е и евентуалниот неуспех на проширувањето, особено со големите држави како Украина, што може да произведе затегнатост поради чувството дека победила Русија, наспроти про-европската линија. Сепак, најголемата опасност и закана за Унијата доаѓа оддалеку. Во глобализираниот свет, како што коментира професор Норман Дејвис, вистински крах може да предизвика една силна економска рецесија на Кина, која со себе би ги повлекла сите оние (и стопанствата на Унијата) што сега функционираат како едно со големиот светски „играч“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top