„САД остануваат активни поддржувачи за решавање на спорот за името и навиваат да дојде до тоа. Но, останува Македонија и Грција да решат што е прифатливо за нив“, изјави Џонатан Мур, директор во канцеларијата за Балкан во американскиот Стејт департмент.
„Ја имаме ситуацијата во Македонија, на која се осврна и заменикот државен секретар Викторија Нуланд. Ние се уште силно го поддржувамe процесот на Метју Нимиц кој трае навистина многу долго. Навиваме за да се изнајде договор, и апсолутно би сакале да видиме решение за спорот за името меѓу Атина и Скопје, но мораме да заклучиме дека само двете страни можат да решат што е соодветно за едната или за другата страна. Можностите пред Македонија се големи, да се придвижи кон Европската Унија, и зависно какви се правните норми, да може да стане членка на НАТО скоро веднаш штом се најде решение за прашањето на името. Тоа би требало да ги мотивира политичките водачи во Македонија да сторат што може да се изнајде решение, а во исто време, треба да се работи и во Грција“, го пренесува МИА, излагањето на Џонатан Мур.
Идентичната формулација, дека САД навиваат двете земји да изнајдат решение за спорот за името, неодамна ја употреби и Викторија Нуланд, заменикот државен секретар задолжена за Европа, во своето прво претставување на приоритетите во мандатот.
Џонатан Мур вчера во Вашингтон учествуваше на подолга дебата за иднината на интеграциите на балканските земји која се одржа во фондацијата Карнеги. На расправата, повеќе учесници ја истакнаа новата, зголемена улога на Германија во Европа, и нејзиниот интерес за решавање на некој спор, како односите меѓу Србија и Косово, го посочија како решавачки.
„Улогата на Германија е многу значајна и многу јасна. Добро е, на пример, новиот албански министер за надворешни работи Дитмир Бушати што патува во Германија да се консултира, или тоа што амбасадорот Метју Нимиц ја брифираше канцеларката Меркел. Исклучително е важно што се случува ова, и не само во Берлин, туку и во другите главни градови во Европа. Мислам дека е прерано да се каже дека улогата на Германија се менува. Германија секогаш покажуваше одреден интерес“, изјави Мур.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.