Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан денеска во Скопје има одвоени средби со лидерите на политичките партии потписнички на договорот од јуни/јули минатата година и, како што беше соопштено од неговиот кабинет, ќе потсети на одговорноста што тие ја имаат за спроведување на овој договор, вклучувајќи ја и потребата за обезбедување услови за веродостојни избори, во согласност со веќе усогласените рокови, пренесува МИА.
Хан, стои во соопштението, ќе потсети на важноста на спроведувањето на итните реформски приоритети што Комисијата ги издаде за Македонија, за што македонските политички лидери исто така се обврзаа.
Доаѓањето на Хан се поклопува со рокот за исполнување на обврската од договорот за избор на техничка Влада со нов привремен премиер, чија единствена задача ќе биде спроведување на изборите закажани за 24 април оваа година.
Претпладнево Хан одржа средби со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, со лидерот на СДСМ Зоран Заев, а во тек е средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети. По средбата со Ахмети, треба да се сретне и со лидерот на ДПА Мендух Тачи.
Премиерот Груевски на средбата беше придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски, за здравство Никола Тодоров, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и шефот на Кабинет Мартин Протугер.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев на средбата присуствуваше заедно со потпретседателката на партијата Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Пред почетокот на средбите Хан со четворицата лидери на политичките партии потписници на договорот од јуни/јули 2015 година изјави дека очекува оти денеска ќе биде добар ден.
Од Европската комисија во Скопје најавија дека по поединечните средби еврокомесарот во текот на денот ќе има и заедничка средба со партиските лидери на која се очекува да присуствуваат и евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на САД Џес Бејли.
Се очекува денеска да биде постигнат финален договор во врска со неколку отворени прашања поврзани со договорот од Пржино како што се медиумите и прочистувањето на Избирачкиот список, но исто така се очекува до крајот на денот да биде познато дали предвремените парламентарни избори ќе се одржат во рокот што беше договорен – 24 април 2016 година или, пак, тие ќе бидат пролонгирани како што бара опозицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.