| четврток, 6 декември 2018 |

2016 година е само година со еден ден повеќе

Верувањето дека треба да се избегнуваат свадби годинава е само суеверие и никако не е поврзано со црковниот или со духовниот живот

Бракот склучен во престапна година кратко ќе трае – верување што постои толку одамна, што никој не знае зошто и од каде произлегува. Веројатно, старите Македонци вака сакале да си ја објаснат или да ѝ дадат значење на годината со еден ден повеќе.

Според едно предание, пак, суеверието што и денес им прави шубе на идните невести, го почнала мајка што сакала уште една година да си ја чува ќерката дома.

Во минатото, за венчавки или за свадби се чекало до следната година, а доколку младоженците немале време за чекање, како што бил случајот со печалбарите, за да не ги бие малер на свадбата принесувале леб или погача месени со брашно од минатата година.

За црквата ова суеверие отсекогаш било само тоа – суеверие. Отец Бобан од Македонската православна црква вели дека престапната година е таква само поради бројот на деновите, ништо повеќе и нема никакви импликации врз основа на црковниот или на духовниот живот.

– Сите работи си се прават нормално, како и во сите други години. Тоа е суеверен став, кој произлегува од суеверието на луѓето. Во престапната година и се венчава и се крштава и се прават сите работи што ги правиме и во годините што не се престапни. Ако одиме по таа логика, зошто би се одзела само венчавката и крштенката, зошто не би се одзеле и некои други свети тајни, кои ги извршуваме или некои други чинодејствија. На пример, како опелото, погребението на мирјаните, тогаш сето тоа би требало да се скока и да не се прави– вели отец Бобан.

Но, и покрај тоа што свештениците на секоја идна брачна двојка ѝ објаснуваат дека тоа е чисто суеверен став, кој нема никаква врска, никаков контекст со преданието, учењето и верувањето на црквата, и денес се гледа пад на бројот на венчавките во престапна година.

 

zivot175-2

Бебињата родени во престапна година се посреќни

Според црквата, и ова верување нема смисла.

– Зошто Господ би им давал шанса, благослов или добробит повеќе отколку на другите. Господ е отец, родител, не е некој што би издвојувал некого, на сите неизмерно и еднакво ни ја дава својата љубов – смета отец Бобан.

За крштенката никогаш нема забрана, но, вели, треба да се одбегнува да се прави крштенка на големите господови празници.

– Така е за да не се засени празнувањето на празникот со личното празнување. Иако не постои забрана дека тогаш не се прави, но сепак треба да го имаме тоа предвид – вели отец Бобан.

Тој заклучува дека нема никакво значење дека годината е престапна ни за венчавките, ни за крштенките или раѓањето, ниту, пак, за почнување градежни работи, за кое ваквите суеверија велат не требало да се прави во престапна година.

 

Според Државниот завод за статистика, бројот на венчавките во двете претходни престапни години 2008 и 2012 година, забележал пад од 5,1 проценти и во двата случаја. Ако во 2007 година имало 15.490 венчавки, во 2008 година тој број паднал на 14.695, за веќе во следната година, повторно забележал покачување. Истиот случај се бележи и по четири години. Во 2011 година биле склучени 14.736 брака, за во следната (престапна) година, тој број да падне на 13.991.

Да побрзаат да ја фатат „обичната“ година, искористија и голем број познати личности, кои се венчаа годинава. Меѓу нив и пејачката Тамара Тодевска, комичарот Васко Тодоровски (Тошо Малерот), манекенката Маја Сашек…

Венчавка на рид, крштенка дома

Црквата нуди можност вашите венчавки или крштенки да не ги правите само во храм. Ретки се, но постојат Македонци што сакаат овој свет чин да го прават на посебна локација или во својот дом.

– Обично се случува некој да сака да се венча на својот имот или крштенката да биде извршена таму. Иако, во глобала, треба да сметаме и светите таинства да ги поврзуваме само со храмот. Не дека не постои како опција, но подобро е тоа да биде во стариот храм, затоа што, знаете, порано светите тајни како венчавката и крштенката биле поврзани со светата литургија и се правеле во рамките на литургијата. Додека трае литургијата, се правела венчавката, исто и крштенката. Подоцна се издвоени како посебен сегмент од литургијата, но нивниот чин сѐ уште стои во контекст на литургијата, што се гледа по самиот редослед, а литургијата се служи само во храмот или таму каде што е дозволено да се служи – вели отец Бобан.

Отецот апелира, сепак, да се извршуваат во храмовите, односно на приспособените места за тоа, односно крстилниците или во самиот храм каде што се прави венчавката.

– Венчавката не се прави за време на великите пости, затоа што, сепак, е поторжествен чин, чин што потоа поведува со себе и радост, веселба и слично, а постот е време на воздржаност, време кога покажуваме едно покајние, смирение – заклучува отец Бобан.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 175. број на неделникот „Република“, 8.01.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top