| четврток, 6 декември 2018 |

Мисајловски: Од 2010 година до сега се изградени повеќе од 400 локални патишта низ Македонија

vlado-misajlovski-640x360

Улицата „Горно Лисиче“ по целосната реконструкција денеска беше пуштена во употреба. Станува збор за една од најголемите улици во населбата Горно Лисиче на потегот од „12 Македонска бригада“ до црквата „ Св. Петар и Павле“.

На настанот присуствуваа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски.

Вкупната должина на реконструкцијата што ја опфати улицата „Горно Лисиче“ изнесува околу 1,7 километри, со вкупна вредност од околу 14 милиони денари.

-Минатата година со премиерот Груевски најавивме дека 48 локални патишта ќе бидат завршени. Сите 48 патишта што беа во нашата програма се целосно завршени, а само во општина Аеродром инвестиравме повеќе од 20 милиони денари, истакна министерот Мисајловски.

Тој посочи дека од 2010 година па до денес се изградени повеќе од 404 локални патишта во цела Македонија или повеќе од 740 километри патна инфраструктура, вредна 65 милиони евра.

-Ќе продолжиме со реконструкција и рехабилитација на локални патни правци, на регионалните, магистралните и на изградба на автопатите. Но оваа година нашиот фокус ќе биде пред се изградба на експресни патишта, се работи за 5 нови експресни патишта во вредност од 330 милини евра. Очекуваме дека оваа година сите ќе се започнат, паралелно ќе се работат и автопатите. За дел од експресните патишта е започната постапката и веќе се распишаа тендери, а за останатите ќе се распишаат во наредниот период, рече Мисајловски.

Градоначалникот Коневски најави дека во 2016 година ќе продолжи реализацијата и на други инфраструктурни проекти во оваа населба.

За оваа година тој најави реконструкција на три моста на Усјанскиот канал, нови пешачки патеки на булеварот „Февруарски поход“, поставување хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на улиците „ Тодор Чангов“ , која беше неодамна комплетно реконструирана и улицата „Горно Лисиче“ , поставување клупи, канти за отпадоци, заштитни огради, како и осветлување на паркот во изградба покрај кејот на Вардар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top