Британскиот министер Крис Греилинг изјави дека останувањето на Велика Британија во ЕУ, според сегашните услови кои се предвидени за членство, би претставувало „катастрофа’ за земјата.
Во авторски текст во проториевскиот „Дејли Телеграф“, Греилинг вели дека ЕУ се движи кон уште поцврста интеграција на земјите-членки, а тоа е насока што Велика Британија „не ја следи и нема да ја следи“.
Греилинг, кој е поранешен министер за правда, а сега е член на Владата во својство на лидер на парламентарната група на владејачките конзервативци, во написот не заговара излегување на Велика Британија од Унијата, туку најавува дека ќе учествува во таквата кампања ако не биде задоволен од она што ќе го договори премиерот Дејвид Камерон со Брисел околу британските барања.
Камерон прифати министрите да може да водат кампања „за“ или „против“ членството во Унијата, откако ќе биде постигнат договор со ЕУ.
Британскиот премиер испорача до Брисел четири барања кои се однесуваат на управувањето со економијата, за конкурентноста, за миграцијата и суверенитетот.
Референдумот во Велика Британија за ЕУ, треба да се одржи до крајот на 2017 година, но се очекува тој да биде закажан порано, уште во текот на оваа година, доколку Камерон успее да обезбеди договор за реформирање на Унијата онака како што тоа го бара Лондон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.