| четврток, 6 декември 2018 |

Петмина загинати при бомбашки напад во југоисточна Турција

Пет лица загинаа, а 39 се ранети синоќа при експлозија на автомобил-бомба пред полициска станица во градот Чанар во југоисточната турска провинција Дијарбекир.

Како што јави Анадолија, од експлозијата на бомбата се урнале еден ѕид од полциската станица, како и дел од соседна станбена зграда.

Регионалната управа на Дијарбекир соопшти дека две лица загинале пред полициската станица, а три ги загубиле животите при уривањето на станбената зграда.

Засега никој не презеде одговорност за нападот, но властите обвинија дека тој е дело на припадници на сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК).

Некои турски медиуми јавија дека по експлозијата следувале и напад со минофрлачки гранати и истрели од огнено оружје.

Во исто време, минофрлачки напад бил извршен и врз полициска станица во градот Мијат во провинцијата Мардин, но засега нема информации за евентуални жртви.

Судирите меѓу турските владини сили и ПКК беа обновени во јули минатата година, откако курдските бунтовници објавија крај на кревкиот прекин на огнот, поради воздушните напади на турската армија врз нивните позиции во севрен Ирак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top