Програмата на дванаесеттото издание на „Оф-фест“ носи шест богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.
Годинешново издание на „Оф-фест“, кое ќе се одржи од 1 до 6 јуни во Скопје, ќе го отвори популарната индиска ситаристка Анушка Шанкар и нејзиниот актуелен рага-фламенко проект „Traveller”, со кој ја стекна номинацијата за наградата „Греми“ и титулата најдобар музичар на магазинот „Сонглајнс“.
Втората фестивалска вечер скопските музички зависници ќе имаат можност првпат да ја почувствуваат во живо магијата на музиката на турското „Таксим Трио“, а истата вечер ќе настапи и нашата гордост, тандемот Елена Христова и Горан Трајкоски со својот проект „Биоскопија“.
На 4 јуни ќе го видиме првиот состав од Словенија на „Оф-фест“. Станува збор за групата „Брина“, предводен од извонредно талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник.
Најжешката вечер е, без сомнение, претпоследната (5 јуни), резервирана за колумбиските „Буена виста соушлклаб“ – експлозивните Ондатропика, како и неверојатно моќната и хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Azis Sahmaoui & University Of Gnawa.
„Оф-фест 2013“ ќе финишира на 6 јуни, со инспиративниот аудиовизуелен перформанс на финскиот виртуоз и револуционер на хармониката Кимо Похјонен и со концертот на фасцинантните јужнокореански инструменталисти „Тори ансамбл“.
Во рамките на „Оф-фест“, на 3 јуни, ќе биде прикажан документарниот филм за Кимо Похјонен – Соундбрејкер, а една вечер подоцна со свој диџеј-сет ќе се претстави Квантик, во придружба на Френте Кумбиеро, заедно познати под името „Ондатропика соунд систем“.
Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Салон на Македонската опера и балет и кино „Фросина“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.