Годинешново, дванаесетто по ред, издание на „Оф-фест“, во организација на „Скопски џез-фестивал“, ќе почне на 1 јуни, со настап на популарната индиска ситаристка и композиторка Анушка Шанкар, која е ќерка на големиот Рави Шанкар и сестра на славната џез-пејачка Нора Џоунс.
Анушка Шанкар денес е една од водечките фигури на т.н. музика на светот. Нејзиното творештво влече корени од индиската класична музика како и од музиката на нејзиниот татко, легендарниот Рави Шанкар, кај кого таа се школува од својата деветта година. Како композитор, Анушка ја истражува плодната синтеза на индиската музика со разните музички жанрови како: фламенко, електроника, џез и класична музика. Двапати номинирана за престижната награда „Греми“, Анушка Шанкар беше првиот музичар од Индија што има настапено на доделувањето на наградите „Греми“ (2006) кога беше номинирана за албумот „Rise“. Подоцна, таа беше најмладата музичарка и првата жена во историјата на „Греми“ номинирана во категоријата „светска музика“, за нејзиниот албум „Live at Carnegie Hall“ од 2002 година. Таа беше, исто така, избрана како една од 20-те азиски херои во азиското издание на магазинот „Тајм“ во 2004 година. Во 1999 година, Анушка Шанкар се стекна со Штит на Долниот Дом на Британскиот парламент, како најмлад и единствен женски уметник што го примил ова признание.
Родена во Лондон и израсната во Лондон, Њу Делхи и во Калифорнија, кариерата на Анушка од самиот почеток беше интернационална. Своето деби таа го имаше во 1995 година, во Њу Делхи, на возраст од само 13 години, а веќе на 15-годишна возраст бележеше настапи во престижни сали, меѓу кои и „Карнеги хол„, во исто време придружувајќи го својот татко на концертите низ светот.
Во 2011 година, познатата германска етикета „Дојче грамофон“ го издаде нејзиното шесто компакт-диск издание „Traveller“, што ѝ ја донесе титулата награда за најдобар музичар од страна на магазинот „Сонглајнс“, како и номинацијата за наградата „Греми“ во категоријата „најдобар албум од светска музика“. Трагајќи по корените на фламенко музиката во традицијата на индиските Раџастани Роми, во создавањето на „Traveller“ учествуваат индиски и фламенко музичари, меѓу кои Сандра Караско, Пепе Хабичуела, Рикардо Мињо и Буика. Минатата сезона Анушка Шанкар оствари извонредно успешна турнеја со „Traveller“, свирејќи низ Европа, САД, Средниот Исток и низ Индија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.