| четврток, 6 декември 2018 |

Вајгл, Ховит и Кукан на средби во ДИК и Специјалното обвинителство

vv

Европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, кои од вчера се наоѓаат во посета на Македонија, денеска ќе имаат средба во ДИК, а треба да се сретнат и со специјалната обвинителка Катица Јанева.

Тројката европратеници кои посредуваа во напорите за постигнување на договорот од Пржино, вчера имаа средба со лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи. Исто така, имаа и разговори со високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што лидерот на оваа партија и премиер Никола Груевски е во посета на САД.

Целта на посетата е да ги охрабрат политичките партии да се забрза усвојувањето на преостанатите обврски од договорот.

Вајгл, Ховит и Кукан по денешните средби најавија изјава за медиумите на која ќе ги соопштат нивните согледувања од одржаните средби во врска со спроведувањето на договорот од Пржино.

По тројцата европарламентарци, в петок во Скопје доаѓа и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан со цел да направи увид во спроведувањето на договорот, чија крајна цел е одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април годинава. Посетата на Хан се очекува да се поклопи со изборот на техничка Влада и на нов привремен премиер, со единствена задача спроведување на предвремените избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top