| четврток, 6 декември 2018 |

Вајгл: На изборите на 11 декември 2016 година беше прикажано почитување на фундаменталните слободи

во предлогот на Вајгл се поздравува „почитувањето на фундаменталните слободи, прикажано на изборите на 11 декември 2016 година“. Исто така, се повикуваат сите политички партии да ги прифатат резултатите од изборите во интерес на домашната стабилност и се нагласува нивната одговорност да се осигура дека нема повеќе да има назадување во политичката криза

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, ја претстави Предлог-резолуцијата за Македонија во однос на извештајот за прогресот за 2016 година на Европската комисија, по која пред крајот на овој месец првпат ќе се дискутира на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, за првпат во оваа Резолуција, Вајгл, освен што во име на ЕП за Македонија по осми пат предлага отворање на преговорите за членство на земјата во Европската унија, како новина дава предлог за највисоките политички структури и институции на ЕУ да развијат „нови иницијативи“ заедно со посредникот на Обединетите нации за преговорите за името, Метју Нимиц, со што ќе се стави крај на долготрајниот спор меѓу Македонија и Грција.

На почетокот на Предлог-резолуцијата изготвена од европратеникот Вајгл, најпрво се повторува дека таа ги зема предвид заклучоците на Европскиот совет од Солунскиот Самит во 2003 година и ветувањето дека иднината на сите земји од Западен Балкан е во Европската унија. Исто така, се зема предвид Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, Охридскиот рамковен договор, доделениот статус на „земја-кандидат за членство во ЕУ“ во 2005 година, Договорот од Пржино, Итните реформски приоритети за земјата доделени од Европската комисија и прогрес-извештајот на ЕК од 9 ноември минатата година.

Во неа се нотира и Декларацијата на Париската конференција за Западниот Балкан од 4 јули 2016 година, извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за успешно спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември 2016, Резолуциите 817 и 845 на Обединетите нации за Македонија од 1993 година и пресудата на Меѓународниот суд на правдата за прекршување на Времената спогодба од страна на Грција кон Македонија.

Со оглед на тоа што предвремените парламентарни избори што се одржаа во Македонија имале многу висок одѕив на гласачите, на почетокот на Предлог-резолуцијата за Македонија се посочува и дека „реформите и подготовките за пристапување кон ЕУ се попречени од страна на политичката поларизација“. Исто така, се забележува назадување во важни области, односно дека е потребна посветеност на клучни прашања во процесот на реформи како што се реформи во судството, јавната администрација и медиумите, невработеноста кај младите и преглед на Охридскиот рамковен договор.

Известувачот Вајгл во нацрт-верзија на Резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија посочува дека има потреба од „сериозна посветеност од страна на сите политички сили за земјата да се врати на својот пат кон интеграцијата во ЕУ“. Тој препорачува и дека „новата влада треба да усвои и спроведе робустни реформи“.

– Преговорите за членство треба да се отворат по исполнување на условите за тоа, посебно што земјата се смета за многу години како една од најнапредните држави во однос на усогласувањето со европското законодавство. Билатералните спорови треба да бидат соодветно опфатени во согласност со стандардите на ЕУ и на Обединетите нации и не треба да претставуваат пречка за почетокот на пристапните преговори, децидно се наведува во Предлог-резолуцијата на ЕП за Македонија.

Конкретно, во предлогот на Вајгл се поздравува „почитувањето на фундаменталните слободи, прикажано на изборите на 11 декември 2016 година“. Исто така, се повикуваат сите политички партии да ги прифатат резултатите од изборите во интерес на домашната стабилност и се нагласува нивната одговорност да се осигура дека нема повеќе да има назадување во политичката криза“.

– Европарламентот повикува на брзо формирање на новата влада со цел да се искористи мандатот за да се продолжи со потребните реформи и смета дека е од суштинско значење меѓупартиската соработка за решавање на домашните предизвици и на предизвиците поврзани со ЕУ. ЕП заклучува дека изборниот процес е подобрен, вклучувајќи ги и законските рамки, избирачките списоци и медиумската средина, се вели во Предлог-резолуцијата.

Исто така, притоа се изразува надеж дека наводните неправилности и недостатоци, вклучително и заплашување на гласачите, купување гласови, злоупотреба на јавни средства, исто така, ќе се решаваат ефективно од страна на надлежните органи во поглед на локалните избори во мај 2017 година. ЕП ја нагласува и потребата за деполитизација на изборната администрација со цел да се зголеми довербата на јавноста во идните избори.

– Европскиот парламент очекува новата влада, во соработка со другите партии, да ги забрза реформите поврзани со ЕУ и ја повторува својата поддршка за отворање на преговорите за членство, условена со напредокот на спроведувањето на Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети ипродолжува да биде убеден дека преговорите може да генерираат и повеќе од потребни реформи и позитивно да влијае врз решавањето на билатералните спорови, се предлага во предлогот за Резолуција на Европарламентот.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, во Нацрт-резолуцијата повикува на политичка волја за целосно спроведување на Итните реформски приоритети и договорот од Пржино. ЕП ја повикува и Европската комисија, во првата можна прилика, но пред крајот на 2017 година, да го оцени напредокот на земјата за имплементација и да поднесе извештај до Европарламентот. А, додека се отпочне со реализацијата со реформите, ЕП го поддржува продолжувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) за систематско помагање на земјата во овој потфат. Исто така, предлог-Резолуцијата предупредува дека „потенцијалните негативни последици од понатамошното одложување на процесот на пристапување на земјата кон Европската унија“.

Европскиот парламент во драфт-верзијата на Резолуцијата ги повикува и сите партии да покажат политичка волја за надминување на поделбите во политичкото опкружување и повторно да се ангажираат во дијалог. Исто така, се нагласува повторно клучната улога на Собранието во демократскиот развој на земјата и како форум за политички дијалог и застапување.

Второто разгледување на драфт-Резолуцијата за македонската држава пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) е планирано да се одржи на 27 февруари, а ден подоцна и за истата да се гласа на АФЕТ-комисијата.

Главната дебата и гласање за Резолуцијата на Европарламентот за Македонија е планирано да се одржи на пленарна седница на законодавниот дом на Европската унија што на 14 и 15 март ќе се одржи во Стразбур.

Инаку, Резолуциите на ЕП за земјите-кандидати за членство во ЕУ се однесуваат на прогрес-извештајот што Европската комисија го издава секоја година, но она што ќе го донесе како заклучок Европскот парламент нема никаква правна тежина и истото е само советодавно. Исто како и Еврокомисијата и ЕП досега осумпати по ред даваше позитивни препораки за стартување на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top