Сигурно некогаш сте се запрашале како ги добиле своите имиња денешните скопски општини, населби и маала. Можеби сте се подзамислиле од кое време потекнуваат имињата, им се менувале ли во зависност од периодот, од демографските карактеристики. За голем дел од имињата постојат неколку кажувања, верувања, приказни од хроничари.
Во овој случај, за потеклото на имињата и нивното значење се користени информации од книгата „Градот Скопје и формирањето граѓанска класа во периодот меѓу двете светски војни (1918-1941 год.) – од етнолошки аспект“ напишана од авторите Алла Качева, Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска.
Се чини, многумина знаат дека Аеродром, една од поновите општини, го добила своето име по воениот аеродром наречен „Скопје“, кој се наоѓал кај сегашната поликлиника „Јане Сандански“. Првиот патнички авион таму слетал на 15 јуни 1928 година, бил од типот „потез 29“ од француско производство и превезувал пет патници. Аеродромот бил бомбардиран од нацистичка Германија во април 1941 година.
Денешната Општина Чаир, пак, името го добила од Турците и потекнува од турскиот збор чаир што значи ливада. Всушност, територијата на денешната населба Чаир во тоа време била речиси ненаселена и наликувала на ливада, па оттаму и името на општината.
Автокоманда е крстена според касарната на српската војска „Аутокоманда“, која се наоѓала во овој дел на Скопје. Касарната била изградена 1914 година и служела за стационирање на српската војска. Неколку години подоцна и целата новоподигната населба го добила името Автокоманда.
Прво што ни паѓа на ум кога ќе помислиме на потеклото на името на Општина Кисела Вода е дека некогаш во некоја од денешните населби се наоѓал извор од кој течела кисела вода. И, токму така. Името потекнува уште од 18 век од времето на турскиот бег Усеин. На местото каде што денес се наоѓа црквата „Свети Никита“ извирала кисела вода.
Општина Гази Баба, пак, своето име го добила, не поради тоа што некој газел баба, туку според името на османлискиот кадија, научник и поет од 16 век Ашик Челеби, познат кај народот како кадија Гази Баба.
Општина Ѓорче Петров пред да го добие името на големиот македонски револуционер, се викала според францускиот генерал Ханрис и бугарскиот генерал Жостов. Денешната населба Ѓорче Петров е создадена непосредно по Првата светска војна, како предградие на град Скопје. До Ѓорче се стигало само со познатото „вовче пампурче“.
Од скопските маала, односно населби, како поинтересни се издвојуваат имињата на Маџир маало, Дебар маало, Топаана, Буњаковец, населба Драчево…
Една од најстарите скопски населби, Маџир Маало, името го добива според богатите доселеници кои граѓаните ги викале маџири. Всушност, првото име на денешно Маџир Маало било населба Вардар, бидејќи куќите биле подигнати покрај течението на реката. Таа населба била првата која ги исполнувала критериумите за урбана населба. Но, кон крајот на 19 век со доселувањето во овој дел од Скопје на богаташи кои своето богатство го стекнале за време на турските војувања во христијанските земји, главно во Мала Азија и на Балканот, населбата го добива името Маџир Маало. Во ова маало се наоѓале најубавите куќи во тогашно Скопје, односно Маџир Маало била најелитна населба во Скопје.
Дебар маало го добива името според градот Дебар, од каде што потекнувале првите жители кои го населиле овој дел на Скопје. Откако во 1918 година делови од Западна Македонија припаднале на Албанија, голем број македонски семејства биле принудно иселени од своите домови. Дел од нив се доселиле во Скопје и во Дебар маало изградиле нови домови.
Топаана била местото каде што турската војска ги поправала топовите, па оттаму османлиите овој дел од Скопје го нарекле поле на топовите, или на турски Топхана. Топаана била подигната веднаш штом османлиите го окупирале градот.
Населбата Буњаковец е една од оние која го носи името по угледна и богата фамилија од тоа време. Населбата го добила името на фамилијата Буњак, во чија сопственост биле поголем дел од парцелите на кои се граделе првите куќи. Целото земјиште во овој дел од Скопје било сопственост на неколку фамилии, меѓу кои најпознати и најбогати биле Буњаковци.
Селото и населбата Лисиче се крстени според малото место Лисичка каде што почнале да се градат првите куќи на селото Горно Лисиче. Но, во 1900 година надојдените води на Маркова Река ги поплавиле нивните куќи, па жителите се повлекле погоре во месноста каде што имало лисици и која била наречена Лисичка. Жителите малку го измениле името на новото место за живеење и ги крстиле Лисиче.
Селото и населбата Драчево името го добиле според трнливото растение драч, кое го имало во изобилство во овој дел од градот. Според усните преданија, настанувањето на Драчево е поврзано со месноста Салаково на планината Караџица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.