Синот на поранешниот грчки премиер, Константин Мицотакис, и братот на некогашната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, Кирјакос Мицотакис, вчера е избран за нов лидер на опозициската конзервативна партија Нова демократија, пишува МИА.
На внатрепартиските избори, 47-годишниот Мицотакис освои 51 отсто од гласовите на преку 400.000 партиски членови со право на глас и го совлада поранешниот претседател на Парламентот, 62-годишниот Вангелис Мејмаракис, кој важеше за фаворит пред гласањето.
Во првиот круг на гласање за партиски лидер, одржано на 20 декември, Мејмаракис освои 39,8 отсто од гласовите, а Мицотакис 28,5 проценти.
Иако партијата сѐ уште не ги објави конечните резултати од гласањето, Мејмеракис уште синоќа го призна поразот.
Грчките медиуми оценуваат дека Мицотакис, кој има дипломирано економија на Харвард, својата вистинска моќ и своето влијание ќе ги покаже дури при „одмерувањето на силите“ со актуелниот грчки премиер, Алексис Ципрас.
Пред вчерашното внатрепартиско гласање, Кирјакос Мицотакис во изјава за „Катимерини“ нагласи дека се залага за „меритократија, транспарентност и за еднакви можности“.
– Гарантирам дека наскоро ќе создадеме големо движење на десниот центар кое на Грција ќе ѝ понуди алтернативни решенија – порача Мицотакис.
Нова демократија беше без лидер од јули минатата година, откако дотогашниот партиски претседател Андонис Самарас поднесе оставка по поразот на парламентарните избори.
Таткото на новиот лидер на Нова демократија, Константин Мицотакис, беше премиер на Грција од 1990 до 1993 година, додека неговата сестра, Дора Бакојани, беше грчки министер за надворешни работи од 2006 до 2009 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.