Дебарските верски старешини, како и верниците од поширокиот регион, ја продолжуваат традицијата на меѓусебни посети по повод верските празници.
Почитувајќи ја традицијата од своите предци, во седиштето на Дебарската парохија, кое се наоѓа во црквата „Света Петка“, денеска по повод големиот христијански празник, Божик, во посета беше дебарскиот муфтија Хаџи Рамазан Ефенди Хаса, кој ги пренесе честитките до сите православни верници по повод празникот од свое и од име на верниците на дебарското муфтиство.
– Верската толеранција и соживот кои со векови се негуваат во дебарско, нека им послужат за пример на сите дека само со меѓусебно почитување и соживот, можеме да градиме заеднички вредности кои ни се повеќе од потребни за опстојување на нашето општество и заедница. Овие зборови не сакаме да бидат само една медиумска порака, туку да станат реална состојба за сите, посака муфтијата ефенди Хаса.
Заблагодарувајќи се на посетата и честитките намесникот Спироски, посака дебарскиот пример на верска толеранција и соживот да биде пример за поширокиот регион и светот.
– Она што е наследено од предците, жителите од поширокиот дебарски регион го почитуваат и негуваат како светост. Убеден сум дека тоа така ќе биде и во иднина а посакувам онака како што се живее во овој крај, во слога, разбирање, соживот и толеранција, така да биде низ целиот свет, рече Спироски.
Двајцата старешини посакаа дебарскиот пример да допре до срцата на сите верници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.