Сонот на Мишел Платини да стане нов претседател на ФИФА е завршен. Французинот вечерва обелодени дека и официјално ја повлекува кандидатурата за наследник на Сеп Блатер, жалејќи се дека не му било овозможено да се натпреварува по исти правила како и останатите кандидати. Платини и Блатер се суспендирани на по осум години поради незаконска исплата на два милиони евра на сметка на Французинот, па иако постои надеж дека казната би можела да биде поништена од страна на Спортскиот суд за арбитража во Лозана, француската фудбалска легенда реши да не се кандидира за прв човек на ФИФА.
– Се повлекувам од трката за претседателство во ФИФА. Тајмингот не е добар за мене, не можам да се борам под еднакви услови како и останатите кандидати. Не ми беше дадена шанса за фер борба, шанса да ја играм играта во овој предизборен период. Збогум ФИФА – изјави Платини.
Во меѓувреме, тој не може да ја извршува ниту функцијата на претседател на УЕФА, нешто што очекува да се промени со пресудата на Спортскиот суд за арбитража.
– Повеќе време минав по судници и со адвокати отколку по стадиони. Неправдата ми само мотив повеќе за да докажам дека не сум виновен за она за што ме обвинуваат – порачува Мишел Платини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.