| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел побара детална истрага за групните силувања

germanistan-flagГерманската канцеларка Ангела Меркел побара денеска властите целосно да се изјаснат за тоа што се случило за време на нападите врз жени на новогодишната ноќ во Келн, кои ја потресоа Германија, јави ДПА.

– Тоа што се случи на Нова година е целосно неприфатливо, изјави Меркел на прес-конференција во Берлин по средбата со романскиот премиер Дачиан Чолош.

– Чувството што тие жени го имале, дека се целосно незаштитени и оставени сами на себе, лично за мене е неприфатливо и затоа е важно да се открие се што се случило, додаде таа.

Меркел изјави дека разгледува мерки, вклучувајќи измени во законодавството и зголемување на бројот на полицајците.

Според неа потребно е постојано да се ревидира политика за депортирање, со цел да им се испрати јасна порака на луѓето, „кои не сакаат да ја почитуваат нашата правна рамка“.

Внатрешен полициски извештај, објавен од ДПА, покажува дека полицијата во Келн имала големи потешкотии да се справи со толпата мажи, кои вршеле масовни силувања и кражби на новогодишната ноќ, така што стравувала дека може да дојде до сериозни повреди дури и смртни случаи.

Во извештајот од 4 јануари се наведува дека недостигот на полицајци и опрема во централната железничка станица на градот довел до ситуација да преживеат најсилните. Документот нагласува дека групата мажи, од кои повеќето странци, буквално ги спречувале полицајците да ги заштитат нападнатите жени.

Полицијата добила над сто пријави, од кои три четвртини биле со сексуален катактер.

– Жените со или без придружба, буквално бегаа, напаѓани од сите страни, пред толпата од тешко пијани мажи на начин кој не може да се опише со зборови, се вели во извештајот.

Полицијата тврди дека под истрага за настаните засега се 16 лица. Досега ниту едно лице не е уапсено.

Слични масовни напади имало во Хамбург, каде биле поднесени 50 пријави, а помалку во Штутгард и Франкфурт.

Полицијата во австрискиот град Салцбург соопшти дека исто така добила пријави од жени, кои биле жртви на сексуални напади извршени од мигранти на новогодишната ноќ.

Претставник на полицијата изјави дека една од жените тврдела дека била сексуално нападната од двајца мажи, кои потоа ја ограбиле. Таа изјавила дека мажите биле од странско потекло и се движеле во групи од осум до десет лица.

Сексуални напади врз жени на новогодишната ноќ како тие во Келн имало и во Цирих, соопшти полицијата на швајцарскиот град.

– Добивме неколку пријави за сексуални напади и кражби, соопшти полицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top