Со надеж дека ќе успее конечно да ја доведе до крај политичката криза во земјава, еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, идната недела ќе допатува во Скопје, објави телевизијата „Алфа“. Иако првично неофицијално во Скопје беше најавено дека посетата на Хан ќе коинцидара со посета на тројката европратеници, олеснувачи во партиските преговори, Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит, на 11 јануари, неофицијалните информции од Брисел се дека Хан ќе ја посети земјава на последниот ден од истекот на рокот на 15 јануари, предвиден со договорот од Пржино, за назначување на технички премиер од ВМРО-ДПМНЕ до изборите в април. Европската комисија вчера потврди дека Хан доаѓа во Македонија, но иако не го потврди датум ја потврди причината за посетата на Хан.
„Можам да потврдам дека комесарот Хан ќе го посети Скопје во јануари, за да го процени прогресот кој е во тек, но немам точен датум кога “, изјави Катрин Реј, портпаролка на Европската комисија.
Хан на кого ова ќе му биде четврта посета на Македонија во период од 11 месеци за справување со политичката криза, во својот новогодишен блог во делот за Македонија напиша: „Се надевам, дека врз основа на нашите големи напори, ќе биде можно дефинитивно да ја надминеме политичката криза во поранешна југословенска Република Македонија“.
Според тајмингот на посетите Кукан, Вајгл и на Ховит идната недела ќе имаат обврската да ги убедат партиите да го забрзаат исполнувањето на преземените обврските, а за кои не беа поставени прецизни рокови. Европските емисари ќе извршат увид во спроведувањето на ургентните реформски приоритети кои ги побара Комисијата во пакет со договорот од Пржино, а меѓу кои се и деполитизација и јакнење на независноста на судството, ревидирање на регулативите за следење на телекомуникациите од страна на државните служби, јакнење на независноста и професионалноста на регулаторните тела, стриктно спроведување на законот за администрација, финализирање на изборните реформи, јакнење на политичката независност на Јавниот сервис, владиното рекламирање, измени на законот за клевета.
Хан пак со посетата неколку дена подоцна ќе треба да стави параф на досегашната имплементација на договорот од Пржино, но и да ги испегла прашањата на кои закочи процесот како што е извештајот на анкетната комисија за прислушкувањата кој според договореното од 2 јуни требаше да биде готов до ноември, но и прашањето за ажурирање на избирачкиот список, како суштински за целосна имплементација на Договорот, кој треба да финишира со предвремени избори на 24 април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.