Од почетокот на годинава почнуваат да важат законските решенија кои овозможуваат на земјоделците во нивниот стаж да им се смета и времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците, кој се применуваше во перодот од 1978 до 1988 година, со цел да можат да го исполнат условот од минимум 15 години работен стаж за да остварат старосна пензија.
Законот предвидува доколку осигуреникот нема целосно утврден стаж на осигурување по 1 јануари 1989 година, заради исполнување на условите за остварување право на старосна пензија, да му се смета и времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците кој се применуваше од 1978 година до 1988 година, доколку бил пријавен во осигурување и придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на овој закон и доколку изврши уплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период по 1 јануари 1989 година, до исполнување на условот од 15 години стаж на осигурување доколку бил пријавен во задолжително социјално осигурување по 1 јануари 1989 година.
Законското решение беше предложено од Владата во август минатата година, по што влезе во собраниска процедура и беше поддржано од пратениците. Со него се создаваат законски можности околу 400 индивидуални земјоделци кои имале проблем со недостиг на стаж да се стекнат со старосна пензија.
Со Законот им се излегува во пресрет на барањата на здруженијата на земјоделци, синдикатите и голем број граѓани, кои се соочувале со овој проблем на неможност да остварат старосна пензија.
За оваа мерка Владата ќе одвои околу 34 милиони денари на годишно ниво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.