Едно лице го загубило животот во нарушувањето на јавниот ред и мир, што синоќа се случило во кафе барот „Табана“ на улицата „Цар Самоил“ во Охрид, соопшти полицијата.
Димитар М. (27) од Охрид, им подлегнал на повредите во општата болница во Охрид, откако претходно пред кафе барот „Табана“ бил физички нападнат од еден државјанин на Република Србија кој на сега починатиот на плочникот од улицата пред влезот на кафе барот му нанел повеќе удари со раце и нозе по главата и телото.
Како што соопшти полицијата, на овој напад, му претходела жестока вербална расправија помеѓу две групи во кои од една страна бил сега починатиот Димитар и уште други двајца негови пријатели а од другата страна бил српскиот државјанин од Краљево со уште двајца други негови пријатели. Оваа вербална расправија со меѓусебна турканица се случила внатре во кафе барот „Табана“. Тука понатамошниот тек на нарушувањето бил спречен од вработените во кафе барот. Напуштајќи го кафе барот, сега починатиот бил повторно физички нападнат од српскиот државјанин кој пред угостителскиот објект му задал повеќе силни удари со раце и нозе.
Од местото на настанот, Димитар М. кој имал сериозни телесни повреди со возило на брза помош е пренесен во општата болница во Охрид каде по половина час им подлегнал на повредите.
Со цел целосно расчистување на овој случај, СВР Охрид го обезбеди местото на настанот и во содејство и присуство на Јавен обвинител извршен е увид и обезбедени се материјални траги. По добиени сознанија и усна наредба од судија во претходна постапка, извршен е претрес во седум соби во објектот „Табана“, со цел пронаоѓање на сторителите на кривичното дело. Во една од собите, пронајден е српскиот државјанин за кој постојат основи на сомнение дека е сторител на физичкиот напад врз сега починатиот.
Во истата соба, пронајдени и обезбедени се траги од крв и на дел од облеката на осомничениот. Во другите простории пронајдени се вкупно пет други српски државјани кои биле заедно со осомничениот и биле соучесници во нарушувањето на јавнит ред и мир во објектот. Сите лица се приведени во СВР Охрид а три од нив по дополнителни оперативни мерки, се лишени од слобода. Во тек се истражни дејствија препознавање што во СВР Охрид се вршат во содејство и координација со јавниот обвинител. Претходно преземени се мерки за анкетирање на очевидци и вработени во угостителскиот објект. По наредба на јавниот обвинител, денеска била извршена обдукција врз телото на сега починатиот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.