Не можејќи да го скрие ликувањето, свесен дека повторно го изигра системот, лидерот на СДСМ, конечно, се појави на шестото рочиште на „Пуч.“ Еднаш со амнестија, вторпат со незаконско пуштање разговори, третпат со „специјален“ штит од законот. Третата среќа кај „црпнатиот“ спасител наметна фацијална експресија, која покажуваше потреба од блех оркестар и од пајтон. Така, Заев шеретски се прошета до судот, небаре не знаејќи дека Катица го одложила рочиштето. Прашањето што се поставува логично е дали тој, Верушевски, Лазаревски и Палифров знаеја за одложувањето, повторно, шест дена порано од јавноста, како што и индикативно дознаа дека Јанева воопшто го презела овој случај? Веројатно да, но овој пат не со писмо – порака што за нивна жал минатиот пат ја пресретнаа „непријателските“ медиуми, кои толку безобразно ја чепнаа интимата на ендемските „свиркачи“ разузнавачи во светот. Специјален вид, карактеристичен само за македонската почва. Нешто слично како и обвинителката, но не поради специјалноста, туку поради начинот на кој ја користи таа специјалност. И неверојатни три месеци по назначувањето за истражување на прислушуваните разговори Јанева не мисли дека е потребно да ги побара и слушне во оригинал. Не. На неа, очигледно, ѝ е доволно тоа што го слушнала од петардоидните „бомби“ на Заев. Најверојатно, целосно верува и во неговиот драматичен наратив, предигра на секое пуштање нов разговор?! Навистина, специјална обвинителка…
Најсоодветниот момент во целата прикаска за преземањето во „Пуч“, случај што не е дел од нејзините „специјални“ ингеренции, е спасувањето на лидерот на партија со посебни, специјални потреби. Па, ѝ прилега специјална обвинителка на специјална партија, нели. Посебните потреби се дел од историјата на партијата, која ниту еднаш не победила фер и демократски на избори, туку секогаш со „специјална“ погодност. Сега, свесни дека заостануваат многу во однос на противниците, се крстат во чудото на специјалната Катица. Звучи како бурлеска, но наследниците на комунистите атеисти се „крстат“ во чудо и имаат лидер што себеси се смета за спасител „црпнат“ од господа?! Чудесна, мрзлива македонска опозиција…

Прво чудо за беатификација на „специјалната надеж“
За да ја прогласат за светица во атеистичката партија, Јанева ќе мора да го заслужи тоа. Слично како и во Католичката црква, и партијата на Павел Шатев е раководена од папа. Сега, можеби, и заткулисно, но, сепак, очигледно. Контрадикорно, како и сѐ во СДСМ, но сега папа го раководи спасителот. Специјалната надеж, отелотворена помалку во ликот и повеќе во делото на Јанева сега-засега ја заслужи својата беатификација. Првото чудо е сторено, Заев куртули од „Пуч.“ Не толку преку своите ингеренции, колку преку странските влијанија, таа успеа да го заштити лидерот. Второто чудо, пак, потребно за нејзина канонизација како светица кај членството на СДСМ, треба да донесе победа на избори.


За тоа и, дефинитивно, треба чудо, а, според сегашната политичка констелација и односот на силите на терен, т.е. кај гласачите, за воскреснување на мртвата партија и ерекција на бедниот рејтинг ќе треба мегачудо. Имајќи предвид дека специјалната надеж последна умира, партијата до последно ќе се надева на нешто инвентивно и грандиозно од шапката на Јанева, кое ќе ги извади од безидејноста и депресијата, мултиплицирани со последните анкети. Можеби, и лидерот ќе се вади на депресија како причина зошто не ги дава прислушуваните материјали. Настрана, би било и пологично од досегашните изговори…

Лидерот призна во трето лице еднина
Насмеаното лице на лидерот кога излезе од судот малку ги оттргна социјалдемократите од црнилата на мрачното секојдневие. Иако, не сфатија дека насмевката се должи на неговата лична среќа и уште полична, специјална надеж за спас од последиците од ролјата во „Пуч“. А тој се потсети на добрите стари времиња, па, најверојатно, „Пуч“ му заличи на „Глобал“. И се отпушти и насмеа. На партијците, пак, фатени со рацете во медот, кој доби форма на лични карти и пасоши, сепак им годеше, макар на момент, озарениот лик на челникот. И кај нив траеше кратко, затоа што се сетија дека обидот им се удри од глава како бумеранг. Слично како и на „професионалните“ новинари, кои во напливот на задоволство, пред да бидат фатени на дело, ги учеа своите колеги како требало да работат. Поверојатно, како не треба. Лидерот, како по навика, се „отвори“ по втората реченица во изјавата пред медиумите и влезе во омиленото, нарцисоидно трето лице еднина. Гледајќи се себеси од страна, Заев ѝ порача на нацијата:
„Не барам само правда за Заев, туку за сите граѓани на Македонија!“
Истовремено, човекот што последната година кажа дузина тешки лаги, призна дека трага по вистината, што и не е толку чудно, нели. Во творечкиот занес, поведен од олеснувањето или, можеби, под притисок на фројдовскиот комплекс, кој е често присутен кај него, тој призна дека знаел дека Јанева ќе го спаси и дека ќе го земе „Пуч“: „Како што ветив дека ќе дојдам во суд откако Специјалното обвинителство ќе го преземе овој предмет, така направив бидејќи си стојам на збор“.
А вети многу порано од моментот кога Јанева објави дека го презема. Телепатија, нели. Сега, Заев побара и случајот „Поткуп“ да го земе, кој друг, ако не Јанева. Ќе стане ли тој 37. случај во СЈО? Што е сигурно, сигурно е. За чудо, Заев не го побара истото за „Глобал“?! Потрагата по вистината заглави кај Јанева…
Даштевски: СЈО не ја изврши основната причина поради која е избрано
При финишот на договорот од Пржино сите беа среќни што, конечно, ќе почне да се решава вештачки создадената едногодишна политичка криза од опозицијата, вели доц. д-р Александар Даштевски, за кој уште поинтересен бил изборот на специјален јавен обвинител за кој сите сметаа дека тоа ќе биде независно и неутрално лице, кое нема да зазема страна.
ДАШТЕВСКИ: Но, како што поминуваше времето, почна да станува сомнително дека Специјалната јавна обвинителка ќе работи независно. Тоа се виде со предложената листа на заменици каде што имаше судир на интереси за неколкумина, претежно поврзани со лица блиски до опозицијата. Кога почнаа изјавите веќе се виде и немање капацитет за извршување на оваа функција. Имено, специјалната обвинителка изјави дека ќе работи само со седум заменици, а другиот ден ја смени изјавата и рече дека нема да работи додека не се изберат сите. Тука дојде до израз таа неподготвеност за извршување висока функција. Или, пак, некој и извршил притисок на обвинителката да го направи тоа. Овие гафови кулминираа со изјавата на специјалната обвинителка со која ги повика избраните заменици да не дадат свечена изјава дека совесно ќе ги извршуваат своите функции. Тоа е директно спротивно на законот. Но со тоа се поставува прашањето, дали и како ќе ја извршува својата работа некој што и сам го крши законот. Освен ако тоа не е договорено со некого. Може да биде договорено со опозицијата, но со оглед на тоа дека таа, извесно, ќе ги загуби изборите, мора да има некој што е над неа, некој со поголема политичка моќ од домашните политички партии.
По ова, СЈО повторно влегува во целосна повлеченост, без изјави и соопштенија до јавноста, за, конечно, да дојде до соопштение дека СЈО ќе води 36 случаи од кои едниот е „Пуч“, а дванаесет од тие случаи се поврзани со изборите. Но повторно од други извори јавноста дознава дека уште пред да го даде ова соопштение обвинителката ги известила со писмо прво и второобвинетиот во кривичната постапка наречена „Пуч“, дека го презема предметот во нејзина надлежност. Тоа дава основи за сомневање дека се работи за некаква поврзаност со опозицијата, но и некои нејзини ментори, затоа што претходно јавноста беше запознаена дека првообвинетиот во организација на лидерот на опозицијата требаше да бега во странство. Преземањето на овој случај е грешка затоа што ова обвинителство е избрано да ја води истрагата околу разговорите што произлегуваат од следењето на комуникациите, како што пишува во точката осум од протоколот на Договорот од Пржино од 15 јули 2015 година. Со ова СЈО влегува во сопствена стапица, да биде изложено на притисоци за преземање други предмети, што е спротивно на суштината на договорот, кој е основа за негов избор. Конечно, првата причина поради која беше избрано ова обвинителство е содржана во Договорот од 6 јуни 2015 година, каде што во точката шест, став два, стои дека нема да има натамошно објавување на каков било прислушуван материјал. По враќањето на СДСМ во Собранието, сите материјали што ги има СДСМ или кој било друг, ќе бидат поднесени до Јавното обвинителство за итна постапка.
Според тоа СЈО не ја извршило основната причина поради која е избрано. Тоа остава сомнежи како обвинителството се решило за овие 36 случаи, бидејќи за да земете во надлежност одредени случаи мора да сте ги преслушале оригиналните докази, односно снимки, дотолку повеќе што цело време се шпекулира, дека се работи за монтирани, сечени и лепени материјали. Значи, без да се земат овие докази, практично, не може да се води ниедна постапка. Од друга страна, лидерот на опозицијата не сака да ги даде, иако се обврзал на тоа со договор направен со посредство на меѓународната заедница. Тоа што е уште поважно, обвинителката Катица не презема ниедна од законските мерки што ѝ стојат на располагање. Со тоа самата прави целата јавност да се посомнева во законитоста и објективноста на нејзината работа. Како врв на сите овие случувања е појавувањето на лидерот на опозицијата пред судот за случајот „Пуч“, каде што по одложувањето на постапката по барање на Катица Јанева, од неговата изјава може да се насети дека обвинетите ќе бидат ослободени. Тоа е уште еден преседан, кој доаѓа од непочитување на институциите на системот, како и непочитување на правната држава, иако и ова прашање е договорено во Пржино, содржано во точката шест, став четири, а лидерот на опозицијата постапува сосема спротивно од тоа што го потпишал. Се претпоставува дека главната причина за недавање на материјалите е тоа што опозицијата сака да ги користи во политички цели, во текот на предизборниот и изборниот период. Ова веќе се случува на портали и на телевизии блиски до опозицијата. Втората причина што и политичарите од опозицијата и нејзините мегафони постојано ја нагласуваат, е одложување на изборите поради нискиот рејтинг, кој сѐ уште паѓа, или, едноставно, бегање од изборите. По секоја логика, и да се работи за двата услова, сметам дека се погрешни. Точно е дека во повеќе наврати странците им помогнаа, некаде евидентно, некаде зад кулисите, но ако имаат барем малку достоинство, ќе го спречат овој обид за бегство од изборите и продолжување на политичката криза во Македонија, затоа што исполнувањето на договорот го гарантира меѓународната заедница, а на него стои и потписот на еврокомесарот Јоханес Хан.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 173. број на неделникот „Република“, 25.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Даштевски: