До почетокот на Зимските олимписки игри во Сочи преостануваат уште околу 300 дена, а според предвидувањата на доброупатените и моментните официјални резултати, најмногу златни медали ќе освои Норвешка.
Сепак до Игрите во рускиот град на црноморското крајбрежје има уште доста време, а работите се менуваат брзгу. Ова оттаму што Норвежаните само пред еден месец беа зад селекцијата на Канада, меѓутоа сега ја престигнаа и се пробија на врвот.
Според истражувањата на „Инфострада“, норвешкиот ЗОИ тим во Сочи ќе освои 15 златни, 12 сребрени и девет бронзени медали или вкупно 36 одличја. Од друга страна, очекувањата се дека во Канада ќе заминат 12 најсјајни медали, исто толку сребрени и десет бронзи.
Причината за своевидниот „скок“ на Скандинавците се лошите резултати на репрезентативците на Канада на Светското првенство во брзо лизгање минатиот месец.
Инаку, на третата позиција се најдоа Соединетите Американски Држави со 11 злата, исто толку сребрени мадали и седум бронзи, вкупно 29 одличја.
Зимските олимписки игри во Сочи ќе се одржат од 7-ми до 23-ти февруари идната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.