Водејќи ги Борусија Дортмунд односно Баерн Минхен, Јирген Клоп и Пеп Гвардиола водеа жестоки битки на фудбалските терени во Бундес-лигата. Во интервју за „Билд“, менаџерот на Ливерпул истакна дека повторно би сакал да се натпреварува со каталонскиот стратег на Островот. Германецот смета дека доколку Гвардиола преземе некој клуб од Премиер – лигата, комплетно би се подигнал квалитетот на натпреварувањето.
– Ако навистина се случи Гвардиола да дојде во Англија, лигата би добила на квалитет, како и повеќе внимание и дополнителна поддршка. Тој е можеби најдобриот тренер во светот и неговото доаѓање би им ја отежнало работата на другите клубови. Се надевам дека ова се само шпекулации – изјави Клоп за германскиот весник.
Шпанскиот тренер го напушта Баерн Минхен на крајот на сезоната и најверојатно ќе се пресели во Англија, според тврдењата на локалните медиуми. Покрај Челси, до Гвардиола стигна и понуда од Манчестер Сити вредна вртоглави 25 милиони евра по сезона. Досега со баварскиот гигант Гвардиола освои две титули од Бундес-лигата, националниот куп, УЕФА Суперкупот и Светското клупско првенство. Претходно ги собра сите можни титули во шпанското првенство со Барселона, покрај двете титули во Лигата на шампиони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.