Синоќа со три натпревари започна фазата Топ-16 од кошаркарската Евролига.
Во руското дерби Химки на домашен терен славеше победа над ЦСКА Москва со 91-89. Избраниците на Римас Куртинаитис во поголемиот дел од средбата имаа негатива, но на крајот на третиот период и почетокот на четвртиот направија комплетен пресврт.
Московјаните се вратија, а во драматичната завршница победа на домаќините им донесе Алексеј Швед со поените на секунда пред крајот на натпреварот, а Теодосиќ на спротивната страна не успеа од невозможна позиција да донесе продолжение. Швед доминираше со 28 поени, а Рајс имаше 22. На спротивната страна Де Коло реализираше 20 поени.
Екипата на Македонецот Октај Махмути загубија на гостувањето кај Уникаха во Малага со 70-62. Дарушафака предводена од Семих Ерден водеше во поголемиот дел од првото полувреме, но Уникаха кон крајот на третиот успеа да го скрши отпорот на противникот. Едвин Џексон беше најдобар со 20 поени, Хендрикс додаде 13, а кај гостите најзабележителен беше Семих Ерден со 15 поени.
Двократниот европски шампион во последните четири години, екипата на Олимпијакос, ја декласираше Барселона со 74-62. Отпорот на каталонците домаќините го скршија уште во втората четвртина добивајќи ја со 25-12. Во продолжение од мечот можеше многу лесно да се случи и дебакл во Пиреја, бидејќи Олимпијакос на два наврати водеше и со 19 поени разлика. Сепак со неколку прецизни шутеви во финишот од мечот, Барса успеа да ја намали разликата. Анте Томиќ беше најефикасен на паркетот со 16 поени, додека кај Грците, Василис Спанулис постигна 11 поени.
Денеска се играат останатите пет натпревари. Дербито се игра во Истанбул каде се среќаваат Фенербахче и Панатенаикос.
Анадалу Ефес – Црвена звезда, Жалгирис – Лаборал Куча, Цедевита – Локомотив Кубан, Фенербахче – Панатенаикос, Реал Мадрид – Бросе Баскет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.