Екстремни временски услови, торнада, поплави, снежни бури и невообичаено високи температури, се карактеристика за поголемиот дел на континентот. Невремето викендов погоди големи делови од јужниот и централниот дел на САД, оставајќи зад себе најмалку 43 жртви, јавува Глас на Америка.
Во торнадо загинаа најмалку 11 луѓе во Тексас, додека во други делови на земјата се подготвуваат за силни зимски бури и поплави.
Едно од неколкуте торнада кои го погодија градот Далас и околината доцна во саботата, имал јачина на ветерот од повеќе од 320 километри на час, оставајќи зад себе најмалку осум жртви. Три други лица загинале во близина, откако станбена зграда во северното предградие била уништена и ветерот однел возила од надвозник.
Властите велат дека има и други повредени во регионот, неколку денови откако во торнадо загинаа најмалку 19 луѓе во југоисточниот дел од земјата.
Додека се прават спасувачки напори, метеоролзите најавуваат невреме и за големи делови од јужниот и централниот дел на САД, вклучувајќи снежни бури во делови од Ново Мексико, северен Тексас, Оклахома и Канзас.
Гувернерката на Ново Мексико, Сузана Мартинез, прогласи вонредна состојба за сојузната држава, додека жителите се подготвуваат за 60 сантиметри снег.
Во исто време, предупредувања за поплави има за Тексас, Ново Мексико и Индијана. Во поплави загинаа најмалку 13 луѓе во Мисури и Илиноис.
Пожари во Калифорнија
Во Калифорнија повеќе од 600 пожарникари се справуваат со огнот што се шири и изгоре околу 500-тини хектари, во земја која се соочува со голема суша изминатите четири години. Властите велат дека огнот северно од Лос Анџелес е 60 проценти под контрола.
На други места, екстремните временски услови продолжуваат во источниот дел на САД, со невообичаено топло и врнежливо време за овој дел од годината, зафаќајќи ги деловите од север на Флорида до Нова Англија.
Научниците ги поврзуваат екстремните временски услови со топлите струи од појавата Ел Нињо во водите на Пацификот што се протегаат од крајбрежјето на Еквадор и Перу и го зафаќаат Западниот брег на САД.
Пустош од поплави во Јужна Америка
Во Јужна Америка официјалните лица за реакција во вонредна состојба велат дека околу 150.000 луѓе од пограничните делови на Парагвај, Уругвај, Бразил и Аргентина ги напуштиле своите домови заради поплавите од поројни летни дождови поврзани со феноменот Ел Нињо.
Регионалните извештаи велат дека околу 90.000 жители од главниот град на Парагвај, Асунсион, биле евакуирани во саботата вечер и многумина од нив се семејства кои живеат во суб-стандардни услови блиску до реката Парагвај.
Претседателот на Парагвај, Хорацио Картес, прогласи вонредна состојба во главниот град и неколку области во регионот.
Други 20.000 луѓе во северниот дел на Аргентина биле принудени да се евакуираат, додека властите на Уругвај изјавија дека 9.000 луѓе блиску надојдените реки ја доживеале истата судбина.
Цивилните власти во во јужноисточната бразилска држава Рио Гранде до Сол велат дека најмалку 7.000 жители биле евакуирани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.