Ова е време кога оние што се криеле во глувчешки дупки излегуваат малкуцка на светло. Стаорци, мишеви, црви, разни други гмизавци… Ги немало подолго време, сега им е таман да измигољат. Успеваат да прелажат понекого дека не се стаорци, ами дека се хртови, доги, ротвајлери. А всушност се црви.
Некој им кажал, ги излажал, дека сега до избори (Парламентарни) им е шансата, и еве ги на виделина. Ги има секаде, еве ги и во фудбалот. Се самoнарекуваат, на непотпишаното соопштение, „Иницијатеивен одбор за спас на фудбалот“?! Единствено што е светло во ова, што не се нарекле “пленум“, оти тоа некако е најмодерно.
Меѓу нив големи имиња: Муто, Мето, Кочо, Најдовски, Артим… Добри фудбалери: Чоко, Чунга, Жаре… Симпатични момци: Ике, Синани, Васе…
Имам и подоста пријатели. На пример најдрагите ми се Жаре кој е потпишан, и Чваре кој не е. Тие секогаш биле така, еден за Тито, друг за Дража, па кој победи нивен е. Ма и Гого и Батка исто.
Ама, најмногу има гниди. Ах, дааа. Да не заборавам, има и кариеристи. Куп кариеристи.
Од есенва наваму, демек откако Грујо ќе паѓа, се активираа три паралелни амбиции да го преземат ФФМ. Федерацијата која не би смеела да биде партиска, токму спротивно, никогаш НЕ БИЛА непартиска. Од Ѕинго, преку Ламбе и Хари до Илчо. Еве сега и до новите иницијатори.
Првта група е фамилијата Костовски. Трифун и Коки. Они би вечно нешто во фудбалот, иако сеуште им се нерасчистени сметките со кладирничарската мафија од далечниот исток. Сеуште е во опасност Коки од киднапирање, па дури и ликвидирање. Многу пари Трифун истури за да го спаси “малиот“. Сега преку ФФМ би ги враќал, ако може.
Втората група е онаа околу Дарко Панчев. Коки Аврамовски и слични ликови од неговото опкружување секогаш се на располагање на фудбалерот на векот (XX век) и “Златната копачка“. Дека Дарко е леѓенда, нема дискусија. Дека заслужува високо место во Мак фдбалот, исто така. Но, тој е човек што загуби од Хари Хаџиристески. Тој е човек што го извиси Андон Дончевски на неговиот најважен ден. И пред се, тоа е човек кој, заради името секако, секогаш е во иницијативени одбори, ама кога ќе треба да биде биена битката, го снемува.
Третата, најактивната група, е онаа на Мирсад Јонуз, Ангел Бунгуров, Љубомир Ѓурчевски, Орце Турново… Тие се предводени и манипулирани од Драган Томовски. За оваа група веќе имав текст оваа есен.
Од сите овие актери, само Дарко Панчев имал оваа есен средба со Зоран Заев. И тоа два пати.
Ова се имињата на иницијаторите: Мето Спасовски, Драган Мутибариќ, Дарко Панчев, Ѓоко Хаџиевски, Илија Најдоски, Кочо Димитровски, Мирсад Јонуз, Драган Канатларовски, Никола Илиевски- Џиџи. Артим Шакири, Бобан Бабунски, Драган Томовски, Митко Стојковски, Тони Мицевски, Иван Анастасовски, Љубомир Ѓурчевски, Жарко Стојановски, Ангел Бунгуров, Дејан Георгиевски, Васе Рингов, Стојан Арсов, Никола Штериев, Стојан Икономов, Зоран Бошковски, Стојан Шумански, Борис Цеков, Стево Илиев, Ангел Кимов, Миле Димов, Перо Ранготов, Ристо Божинов, Никола Аврамовски, Миле Димов, Љубе Велковски, Харун Иса, Ивица Јовановски-Ике, Неџмедин Синани, Јован Блажевски, Срѓан Захариевски, Горан Петревски.
Гледајки го списокот, јасно е дека иницијативата не е за спас на фудбалот (на фудбалот во Македонија навистна му треба спас, ама не ваков), ами за спас на дел од луѓето од овој список.
Гледајки го списокот, јасно станува дека финансиски и организационо зад иницијативата стојат Мирсад Јонуз и дедо му Палигора, кој е еден од најиздашните финасиери на СДСМ.
Го гледам списоков. Што сакаат бившите селектори овдека? Биле селектори, не направиле ништо и си заминале по второлигашки клубови и земји од 4-тиот свет (не од 3-тиот!?) Ѓокица беше селектор, Џиџи исто, Јонуз такуѓере, Цапар дури два пати (со лигавење)… И сега што? Пак ли? Пак ли Гаџо-Баџо да притиска за да се стане селектор?!
Го гледам списоков… На него има милионери. Луѓе што заработија огромни пари од фудбалот. Дарко е пред сите. Ама и Најдовски, Бабунски, Митко Стојковски, Тони Мицевски… Дали некој од нив, некогаш, дал банка од својот џеб за фудбалот во Македонија? За Пелистер, за Вардар??? Како што давале, на пример: Вања Палер, Пеце Асиба, Ванчо Стокопромет, Рафет, Миленко, Орце Турново, Трајче од Кукуречани, Бутлевски…
Не дале банка, толку го сакаат фудбалот од каде потекнале.
На списоков се собрани тие што не сакаат очи да си видат. Ѓокица и Дарко, на пример.
А планот бил Дарко да е претседател, Артим потпретседател, Гокица селектор. Ќе речете, недостасува портпарол на списоков. Не се секирајте, и он е номиниран. ГУТЕ ФРУХТЕ Атанас Костовски ќе дојде на местото на “Лепи“.
Еден добар дел од луѓево не знаат дека зад сето ова стојат Климпар и Томовски. Аххх, да. Драган Томовски би требало да е Ѓенерален секретар.
Климпар дури има и фалсификувано документ, записник, од изборното собрание кога сегашниот претседател беше биран.
Добар дел од луѓево забораваат што било во минатото. Се самозалажуваат.
Хаџиевски заборава како Томовски во Монтевидео во Уругвај на натпреварот Пењарол – Вардар себе си се пиша дека Шеф на стручен штаб. Што се појави на огромниот семафор на стадионот. Дракче сакаше да се продаде како тренер во Ј. Америка. Таа подвала Ѓоко тешко ја прими. Гледам сега ја заборавил.
Џиџи заборава како беше набркан за да дојде Цапар на неговото место.
Борис Цеков од Штип и Иван Атанасовски од Куманово забораваат дека беа функционери и дека беа и партиски функционери. Нивното време е минато.
Минато е времето кога Борис Цеков го одложи натпреварот на Вардар со Слога на Чаир два месеци предходно затоа што ќе имало снег тој ден!!! А пукаше сонце! Тогаш директор на Вардар беше Драган Томовски!!! Драгче заборавил како се плачеше од Цеков по сите медиуми и кај сите новинари???
На списоков се бивши величини, пропаднати функционери и селекори без успех. Селектори во чие време за успех сметавме кога ќе играме нерешено. За воља на вистината, сега и таков “успех“ немаме.
Неколку пати во емисии и настапи сум кажал, и во текстови сум пишал: За состојбата во фудбалот во Македонија е виновен Илчо. Но тој не е таков “талент“ за да може нешто што било добро и успешно да уништи. Не. Тој наследи уништен фудбал. Тој наследи репрезентација каде кај селекторите се наплаќаше велгување во прв тим. Поголемиот дел наплаќаа во пари, ама имаше и случаи кога и Мерцедес на старо од Бугарија вршеше работа. Илчо наследи пропаднат сојуз. Неговиот најголем промашај е што се нафати да го води сојузот. Да го води со старите кадри во администрацијата и ниту еден избркан од работа, со исклучок на Климпар.
За колапсот на фудбалот се виновни сите досегашни претседатели, ѓенерални секретари и селектори. За тие луѓе нема амнестија. За бивши комесари (Цеков, Бунгуров…) нема место во ФФМ ако се сака воопшто да се излезе од оваа кал.
Илчо, во водењето на ФФМ има многу гревови и промашувања. Ама спас за фудбалот не е оваа погорна листа. Листа на комесари кои веќе не се комесари, селектори кои неможат да најдат ангажаман ниту во втора лига, остарени фудбалери што не успеале да станат просечни тренери…
На овие од списокот, со поголемиот дел добро се познаваме, им порачувам: Фудбалот во Македонија не заслужува да го решава Зоран Заев со два состанока со Дарко Панчев. Фудбалот е национален спорт. НАЦИОНАЛЕН. Не е партиски.
Илчо има гревови и кон Чварка, и кон Тони Мицевски и кон Митко Стојковски, и кон…
Ама, ниту Заев ќе тепа на избори, ниту Панчев ќе победи за претседател на ФФМ. Ако Илчо треба да си оди, тоа треба да е леге артис, а не како кога се рушеше Ѕинго за да дојде Ламбе. Ако треба да си оди, на негово место треба да дојде подбар менаџер, докажан дека давал, а не дека земал од фудбалот.
Затоа, земете фатете се за работа во вашите средини, докажете дека ве бива за тренери, секретари, претседатели… Спасете го Пелистер, на пример. Или дај да го видиме Љуботен повторно.
Вака, со Драган Томовски на челу колоне – мрка капа.
Миленко Неделковски
(Преземено од Дудинка.мк)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.