Десетици илјади незаконски прислушувани разговори пронајдени во компјутерите на осомничените во „фабрика за афери“. Информацијата која вчера ја објавија медиумите денеска официјално беше потврдена и од Основното јавно обвинителство, пренесува Телеграф.мк.
Основното јавно обвинителство – Скопје велат дека се оформени повеќе предмети во врска со сомневањата за наводна фабрика за печатење фалсификувани патни исправи како и за лични карти.
По предметите интензивно се постапува од страна на повеќе обвинители. Обвинителите што постапуваат по предметите дадоа наредби за преземање истраги и дејствија до Одделот за организиран криминал при МВР и другите единици при Министерството, кои се надлежни за различни видови вештачења. Во текот на истражните дејствија дадени се наредби за вештачење, претреси и разговори со повеќе лица за утврдување на фактичката состојба.
– Ја известуваме јавноста дека при извршени претреси на станови на осомниченото лице З.Б и други лица најдени се голем број обрасци за патни исправи, возачки дозволи, лични карти и други документи. Исто така, пронајдени се и машини и опрема, и тоа преси, секачи, компјутерска опрема за изготвување фалсификувана документација. Првичните сознанија на Обвинителството укажуваат дека постојат основи на сомнение дека претходно споменатите патни исправи, лични карти и машини и опрема, соодветствуваат со оние пронајдени при претресот. Добиени се и известувања од овластените лица за содржината на пронајдените податоци во компјутерите во кои, меѓудругото, се наведува дека постојат фајлови за десетици илјади телефонски разговори. За содржината и потеклото на разговорите, поради обемноста на материјалот, ќе бидат потребни два месеца за да ја утврдиме состојбата. Постапката се води против повеќе лица. Бидејќи главниот осомничен е веќе на издржување на казна затвор, за него не потребна дополнителна мерка за негово обезбедување и затоа не е побарано да се определи мерка притвор. За другите лица кои во моментот се осомничени, од судијата на претходна постапка се определени мерки за обезбедување. Одлуката дали, за кои лица и какви мерки за обезбедување ќе бидат потребни е само на јавниот обвинител што работи на овие предмети и зависи само од неговата проценка. Поради карактерот на истрагата, во овој момент не сме во можност да дадеме повеќе информации – вели заменик-јавниот обвинител Јован Цветановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.