Кризата која траеше цели шест натпревари за македонскиот шампион МЗТ Скопје во АБА лигата, прекината е со втората победа по ред овојпат на гостински терен против Металац во Ваљево од 68-77. Македонскиот шампион одигра одличен натпревар во кој го диктираше темпото, а тренерот Јончевски не дозволи пад на концентрацијата како што тоа беше случај кај Алеш Пипан, „металците“ го одржуваа ритамот во текот на сите 40 минути и сосема заслужено славеа над ривалот кого убедливо го совладаа и во Скопје во рамките од второто коло.
Средбата започна израмнето за двата тима. Металац во финишот од првата четвртина поведе со четири поени предност (18-14), но македонскиот првак одговори со две тројки на Мијатовиќ и го заврши овој период од мечот со минимална предност од 18-20. „Металците“ ги дочекаа своите пет минути во втората четвртина, кога по резултат 23-25 постигнаа единаесет, а не примија ниту еден поен, создавајќи си одлична предност, па на одмор заминаа со позитива од 31-40.
Во третата четвртина во ритам влезе и Дреновац, кој ја превзеде контролата врз нападот на „металците“, што надополнето со стандардно цврстата одбрана придонесе предноста да биде задржана и третата четвртина да заврши со 43-54. Металац нешто подобро ја почна последната четвртина, стигна до „минус седум“ и имаше напад, но Бакиќ беше напрецизен, на спротивната страна Дреновац погоди тројка во вистински момент и ја врати предноста на МЗТ Скопје десет поени (49-59).
Положувањето на Протиќ за 59-71 требаше да значи и „крај на приказната“, но една наивна грешка им овозможи на домаќините за само десетина секунди да ја преполоват предноста на македонскиот шампион, па во последните 70 секунди се влезе со резултат 65-71. Мијатовиќ ги промаши двете слободни фрлања, но за среќа Металац го промаши шутот за тројка што можеше да внесе дополнителна нервоза кај македонскиот состав. Тактиката со чести прекршоци не им вроди со плод на српските кошаркари, „металците“ имаа мирна рака кога беше најпотребно и заслужено стигнаа до нова победа, шеста за нив во АБА-лигата сезонава.
Марко Луковиќ со 15 поени и седум скокови беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, додека неговиот брат Урош дебитираше во дресот на „металците“ со шест поени, 7 скока и три блокади за 21 минута игра. Дреновац исто така го заврши натпреварот со 15 поени, а Дамјан Стојановски учествуваше со 14 поени во најновата победа на „металците“.
„Металците“ ќе се обидат да ја продолжат серијата добри игри и во следното коло в среда, кога во Скопје гостува тимот на Партизан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.