„Елитизмот е назив за идеологии и за движења кои се базираат на убедувањето дека одлуките, управувањето или власта во некое општество, организација или држава, мора да биде ограничено исклучиво на припадниците на неговата елита, односно на поединци кои од нејзините ‘обични’ припадници се истакнуваат по потеклото, материјалното богатство, образованието, по физичките или по менталните способности. Таквиот став се оправдува со тврдењето дека ‘обичниот народ’ нема интелектуални или морални квалитети, односно финансиска независност, кои би му овозможиле да носи одлуки за општо добро, односно, дека на неговото расудување може да се влијае со поткупување и со краткорочно задоволување на потребите“.
Ова не е опис на историјатот или на дејствувањето на челниците и на јуришниците на СДСМ. Не. За нивна жал, ова е (од збор до збор) најприфатената и најупотребуваната светска теорија за елитизмот, во која, пак, пластично ни се опишува две и пол децениското дејствување на оваа македонска политичка партија. Небаре некој отстрана гледајќи го нивното однесување опишал и препишал кои се принципите врз кои се темели и кои се постулатите врз кои функционира СДСМ во Македонија. Фрапантно или не, но препишано е буквално, од збор до збор. Уште една од основните карактеристики на елитизмот е затвореноста, која продуцира природно создавање на сопствен, нереален свет и на впечатоци за опкружувањето т.е. сопствената држава и уште попогубно – сопствениот народ. Ова е уште една силна особина на партијата од сегашен „Павел Шатев“. Непознавањето на сопствениот народ, пак, се должи токму на оваа високоценета карактеристика во нивните редови. Зошто и би го запознале овој „обичен“ свет, кој нивните јуришници, влезени во елитистичкиот филм за сопствената лажна супериорност, постојано бараат повластен статус за себе и го споредуваат народот со овци и со стока…
И старо и младо сведочи за елитизмот…
„Ресавската школа“ на препишување, базирана на мрзливоста на „избраните“, очигледно повторно доаѓа до израз во СДСМ. Чувството е дека толку се желни да бидат елитисти и поинакви од остатокот на „обичните“ смртници, што нашите социјалдемократи, едноставно, само го препишале и на лице место во Македонија го примениле светскиот опис на елистист. Башка, не би им било првпат. Препишуваа и препишуваат програми, логоа, изборно мото. Зошто не би го препишале и отелотвориле и описот на она кон што тежнеат и што сонуваат да бидат, или да станат? Па и Мајкл Џексон сакаше да биде ист како Дајана Рос, нели…
За изолираноста и за самобендисаноста на „синокрвните“ се раскажува одамна, но најболно е кога ќе се отвори познат левичар од сопствените редови, или пак, познавач на состојбите и коалициски партнер кој ги познава и следи со децении. Поточно, дваесет и пет години. Вториот е Стојан Андов, првиот македонски претседател на Собранието и долгогодишен коалициски партнер. Човекот што одлично го познава претходниот, неприкосновен лидер на социјалдемократите, во интервју, искрено ги посочи Зоран Заев и сегашното раководство на СДСМ како бедна политичка копија на партијата на Црвенковски од ‘90-тите години на минатиот век.
,,СДСМ, исто така, е многу затворен за сугестии и луѓето околу Заев се единствените што одлучуваат. Грешка на сегашното раководство на СДСМ е и тоа што не се дистанцираа од системот на владеење на нивната партија од ‘90-тите, а во сеќавањето на народот не е избришан тој период кога немаше владеење на правото“, вели човекот кој мина децении во коалиција со популарниот „папа“, а сега е дежурен критичар на актуелната власт.
Либералот Андов, меѓу другото, го открива затворениот начин на дејствување на СДСМ, јавна тајна за партијата во која одлуките ги носат неколкумина „одбрани“. Сегашната врхушка ја знаеме, а со тоа и погрешноста на нивните небулозни решенија за дузина чекори, особено штетни за државата, но и за самата партија како политички субјект. Сосема случајно, на стариот либерален волк му се надоврза еден млад опозициски колумнист и левичар, но вистински, не како самодекларираните левичари од СДСМ. Ивор Мицковски, човекот што своевремено беше и дел од партиската приказна, удри по актуелната врхушка. Им најави нова пропаст и катастрофа, но не заборави да спомене нешто и за нивната самоизолација, т.е. за затвореноста на челниците.
„Историјата ќе покаже како ситни души и замаглени глави одбраа погрешни патишта, но малку што вреди историјата на губитниците“, пишува Мицковски за СДСМ и за актуелните потези на челниците. Тој додава дека гледа преголеми заблуди кај оние што се замислуваат дека се некаква прогресивна сила во општеството, а всушност се самоизолирани и веќе препознаени како нереални и нерелеватни.
Сдсмовски оксиморон: Елитисти човекољупци
Иако генерациски ги дели речиси половина век, и Андов и Мицковски се на иста линија околу дејствувањето на партијата и нејзината затвореност за промени и околу одбивноста кон приспособување на какви било промени.
Во сличен контекст е и една теорија, која интелигенцијата ја толкува како приспособување на новонастанатите ситуации. Целосната социјалдемократска неприспособливост и статичност, пак, воопшто не одат во прилог на нивната теорија за елитизмот. Од друга страна, пак, можеби интелектуалните и моралните квалитети не се она што ги одделува нашите елитисти од „обичниот народ“. Дали во нивниот случај поделбата се одредува само според припадноста кон партијата, или според потеклото во теоријата за елитизмот? Во овој случај, нивниот елитизам сѐ повеќе наликува на морално-политички нихилизам, во кој се негираат сите востановени политички и општествени вредности кои не можат да се базираат на никакви рационални аргументи.
А за да биде Македонија единствена, макар по нешто, во овој елитистички филм кај нас меѓу главните ролји се и граѓанските организации или т.н НВО. Верувале или не, но оние што декларативно и статутарно се залагаат за човекови права и слободи, во себе кријат и негуваат елитистички дух и елитистички аспирации. Некои и не ги ни кријат, како Најчевска, Милчин и дузина други „граѓански активисти“ кои со текот на годините го открија својот вистински лик и станаа дел од СДСМ, некои и пратеници и челници. Со овој чин партијата даде уште еден, скромен придонес во ендемската разновидност на Македонија. Благодарение на нив, ние сме ексклузивни иматели на единствен општествено-политички вид на елитисти-човекољупци, оксиморонски поим кој открива лица кои јавно ги застапуваат сите елитистички принципи, особено за обичните смртници кои се виновни за сѐ што се случува во државата, поради тоа што не разбирале ништо, а од друга стана се или биле челници на хелсиншки комитети, фондации отворени општества и што ли не. Неспоиво и нелогично, но не и неостварливо. Барем во редовите на СДСМ. Едно, пак, дефинитивно ги спојува – меѓу нив има многу самонаречени индивидуалци, интелектуалци и професори. Индивидуалци не можат да бидат бидејќи дејствуваат во јато, а професорската поврзаност со партијата е познат факт, детектиран и познат во регионот, не само во Македонија. „Тоа е партија, која слично како и сите други левичарски на Балканот, се потпира на професорите на факултетите за општествени науки и наследници на поранешната комунистичка елита“ – вака словенечкиот новинар Јоже Бишчак од нивниот најтиражен неделник „Репортер“ го опиша македонскиот СДСМ.
Нивната поврзаност, пак, со т.н. невладини организации или НВО, кои некогаш во иднина кога социјалдемократите ќе победат на избори (ако дотогаш не исчезнат од политичката сцена) дефинитивно ќе мораат да го сменат предзнакот „невладини“, е добро опишана во американската истражувачка сторија на еминентната „Нешнел ривју“ за состојбите во Македонија. Авторот Џеј Нордлингер, кој мина два месеца кај нас во април и во мај годинава, вели дека Џорџ Сорос ја имал улогата на тројански коњ во државата, кој сега прераснал во октопод. За посткомунистичкиот СДСМ, Нордлингер отворено вели: „Дали овие момци се комунисти во срцето? Поверојатно се опортунисти, заинтересирани за моќ, контрола и за власт. Конзервативците во Македонија погрдно ги нарекуваат комуњари, збор кој наведува дека тие се семикомунисти кои зборуваат за социјални идеи, а реално само сакаат да бидат на власт“.
Пандов: Комсомолци и деца на комунистички функционери
Народот е секогаш во право со своите поговорки, па така и овој пат, вели аналитичарот Александар Пандов, кој во познатата „круша под круша паѓа“, гледа дека сега под Црвенковски, ни падна Заев!
ПАНДОВ: Премногу оптимистичко беше верувањето дека оној што учел од Црвенковски и истиот му бил идол, ќе биде различен од учителот. Но, барем да е така. Гледано од временска дистанција, сфаќаме дека Заев е само лош обид за копија на Црвенковски. Сепак, нешто и научил, а тоа е живеењето во свет надвор од реалноста и, секако, никаков допир со народот. Да се потсетиме, СДСМ е партија создадена од кадри на елитната комунистичка младина, поточно, деца на комунистички функционери и црвени комсомолци. Сите тие тогаш, како и овие денешниве, никако не можеа да сфатат и прифатат дека на денот на гласање еднакво вреди гласот и на земјоделецот во Пелагонија и на професорот на правен факултет. Оттаму тие и не чувствуваа никаква потреба да се симнат долу на земја и да направат контакт со народот, да го прашаат како му е и дали му треба нешто. Не, тие веруваа дека народот постои за да гласа за нив и му обрнуваа внимание само пред избори. Со заминувањето на Црвенковски од политичката сцена, сите се надевавме дека конечно во Македонија ќе добиеме автентична македонска левица, која ќе се бори за поголеми социјални права и за поголеми бенефиции за работникот. За жал, сведоци сме дека сега СДСМ функционира како воена миниорганизација во која сѐ е централизирано и одлуките и политиките ги носат само многу мал број луѓе.
Партијата се раководи со железна тупаница, а луѓето што живеат во околните згради на нивниот штаб, говорат дека од зградата на СДСМ постојано се слушало дерење и хистерично пиштење. Самиот Заев се фали дека имал бункер во зградата и дека многу често спиел во него со своето обезбедување! Како резултат на сѐ, погледнете го изборот на техничките министри и заменици. Од најавени експерти во своите области, добивме само послушници на Заев и на Шеќеринска. Тоа ли е сега елитата на СДСМ? Дефинитивно сум уверен дека за оваа генерација левичари времето неповратно замина, но, секако, постои надеж дека по пролетните избори оваа раководна постава ќе замине во историјата, а ќе се појави нов млад левичар кој ќе има сила, визија и знаење да ја обедини македонската опозиција и да ја направи сериозна политичка сила во Македонија.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 171. број на неделникот „Република“, 11.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.