| четврток, 6 декември 2018 |

Како Скопје и другите градови во Македонија ги добиле своите имиња?

Секој град зад себе има своја историја, традиција, обичаи, но и по некоја приказна за тоа од каде градот го добил своето име.

Ова се приказните кои стојат зад именувањето на нашите градови, пренесува порталот Скопје-инфо.

Скопје

skopje nokje

Градот Скопје во текот на своето постоење во зависност од историските прилики бил именуван со различни имиња. Античкото име е Скупи (латински: Scupi). Името на градот Скопје има различна транскрипција на различни јазици и култури. Градот е познат како Shkupi (Шкупи) на албански, Скопље/Скоплје на српски/хрватски јазик, Scupi (Скупи) на латински, Скопье на руски, Skopie (Скопије) на ромски, Σκόπια (Скопја) на грчки, Скопје на романски јазик, Üshküp (Ускуп) на турски, итн.

Во византиските документи градот е забележан како Скопија, а Словените го означувале и како Скопие, Скопје, Скопље. За време на владеењето на цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото царство. Во подоцнежниот период градот потпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле Османлиите и го добил името Üshküp (Ускуп).

Струга

reportaza158-Struga-5

И за Струга постојат две легенди. Едната вели дека Струга го добила своето име поради отворената географска положба на градот – место каде што постојано “струже” (дува ветер). Втората легенда вели дека некогаш, одамна, македонските Словени, Брсјаци и Мијаци, во струшкиот регион се занимавале со сточарство и овците ги носеле на стрижење токму на истекот на Црн Дрим од Охридското Езеро. Од стрижењето на овците се доаѓа до зборот Струга.

Битола

Bitola-rep152-5И Битола има повеќе преданија за тоа како настанало ова име. Најверодостојното од нив вели дека името Битола потекнува од старословенскиот збор обител кој означувал збир на манастири, збир на свештеници, заедница на монаси. Како што веќе сите знаеме, Битола отсекогаш бил град со многу манастири, па оттука потекнува и грчкиот назив за овој град – Монастири. Според Марко Цепенков пак, Битола го “должи” своето име на големопоседникот Тољо, кој имал тврдина во непосредна близина на Битола. Кога Турците се приближувале на тврдината и градот, го повикувале Тољо на битка со зборовите “Би Тољо” од каде и потекнува сегашното Битола.

Прилеп

Reportaza85-Prilep-1Како и за други македонски градови, така и за Прилеп има неколку преданија за тоа како е настанат градот. Едната од нив вели дека кога луѓето почнале да се населуваат во овој предел, ги “прилепувале” своите куќи до Марковите кули и потоа се оформила прво наслелба, а потоа и град кој се нарекувал Прилеп. Второто предание вели дека луѓето што се населувале правеле многу леб, па местото се прочуло како “прилебно место” (место каде што се прави леб). Според самиот Блаже Конески, името Прилеп е создадено од личните имиња Прилепа и Прилепка.

Гостивар

gostivarПотеклото на името на овој град е словенско, односно поточно кажано чешко! Имено, во Прага постои цела населба која се нарекува Гостивар – на чешки Хостивар. Чешкиот збор хости всушност означува гости – гостопримливост, добредојденост и слично.

Велес

Veles-5

Во текот на историјата, градот Велес повеќе пати го менувал своето име, од Вила Зора и Ќупурли до Титов Велес и Велес. За настанокот на неговото име има две легенди. Едната вели дека името го добил од словенскиот термин “в лес” кој означува “во шума”, со што се означувал пределот со густи шуми во близината на ова населено место, а втората легенда вели дека пределот околу Велес, кој бил погоден за пасење на добитокот, го населувале сточарски словенски племиња чиј бог на добитокот бил богот Велес.

Свети Николе

Sveti_Nikole_43Се смета дека овој град го добил своето име по црквата Свети Никола. Во турско време во овој град се наоѓале околу 40 цркви, и сите до една биле срушени, освен најубавата – Св. Никола. По неа и го добил градот своето име.

Куманово

kumanovo-centar

За тоа како настанало името на градот Куманово постои само една легенда која е и доста логична. Се смета дека овој град името го добил по племето Кумани кои во 1094-тата година се населиле во овој предел и долго време се задржале во кумановската општина и пошироко.

Кратово

reportaza129-Kratovo-740x320-topКратово го добил своето име благодарение на својата местоположба. Како што сите знаеме, Кратово лежи на вулканска подлога, односно вулкански кратер и од тука доаѓа и името.

Крива Паланка

Сосема логично, името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на реката Крива.

Радовиш

Градот Радовиш го добива своето име по убавата кнегиња Рада која живеела тука, која и самата била заљубена во овој град. Поради нејзината убавина и во нејзина чест, градот го носи нејзиното име.

Кочани

За името на градот Кочани постои една легенда кои вели дека многу одамна човек по име Кочо отишол на печалба во Кина, од каде го донел оризот во својот роден крај. Оризот успеал во овој регион, а населеното место го добило името Кочани во чест на човекот кој ја донел оваа култура во овој град.

Охрид

Ohrid-preubav-i-naesenСпоред легендата на браќата Миладиновци, кога се правела Охридската крепост, царот Јустинијан се качил на ридовите меѓу кои лежи градот и извикал “ох рид” од каде и што дошло името на градот.

Берово

Жителите на најисточниот град во Македонија раскажуваат две легенди за тоа како настанало името Берово. Според една легенда името доаѓа од сточарот Беро, кој поседувал ливада – Беровска ливада помеѓу селата Робово и Мачево. Втората, и поверојатна верзија е дека луѓето “се береле”, односно се собирале од Малешевијата во Беровската котлина и така дошло до името Берово.

Делчево

Старото име на овој град е Василево. Василево преведено од грчки означува Царево Село. Во турско време, Делчево се нарекувало и Султанија, а по Втората светска војна, во 1950-тата година, Президиумот на Народното собрание на НР Македонија донесува одлука Царево Село да се преименува во Делчево, во чест на Гоце Делчев.

Струмица

Со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесеттите години на 6 век до триесеттите години на 7 век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во Струма. Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежество определен период, додека не биде завладеана од Византија.

Гевгелија

Според легендата за градот Гевгелија, некој дервиш, сосема случајно залутал во овој град. Но толку му се допаднал што дури и не сакал да си замине потоа. Мештаните не сакале да го примат странецот во своето родно место, па се обиделе да го избркаат. Дервишот повреден и тажен заминал од градот, колнејќи го мештаните. Дури тогаш тие сфатиле дека треба да бидат гостопримливи и го повикале дервишот назад со зборовите гел-гери (ела назад) – од кои подоцна дошол зборот Гевгелија.

Дојран

dojran

Потеклото на името Дојран, се поврзува со една легенда, кога зимата 1371-1372, кога турските војски навлегувале во Македонија, стигнале и во Тауријан (Полин). Тие дошле од исток, а бидејќи било зима, езерото било замрзнато и покриено со снег… турската војска, без да знае, поминала преку замрзнатото езеро и стигнала во градот. Градските првенци, кои ја пречекале војската, прашале од каде поминале, а турскиот војсководец Евронос одговорил: “Ете, овде, преку полето”. Тогаш првенците му кажале дека тоа не е поле, туку дека поминале преку замрзнатото езеро, покриено со снег. Кога го разбрал тоа, Евронос наредил да се направи голема и богата гозба, што на турски значи “дојрумаќ”. Се смета дека од тој збор и по тој случај градот добил ново име.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top