| четврток, 6 декември 2018 |

Остануваат уште 15 дена, К-15 мора да се исплати

кПриватниот сектор до крајот на годинава треба на вработените да им исплати регрес за годишен одмор или попознат како К-15. Работодавачите кои тоа не го сториле досега, ќе треба во следните 15 дена да ја исполнат оваа обврска која е уредена со Општиот колективен договор за приватниот сектор.

Од Сојузот на синдикати на Македонија очекуваат на работниците кои работеле најмалку шест месеци кај ист работодавач да им бидат исплатени средства во висина од најмалку 40 проценти од основицата на просечната плата.

Во Спогодбата за измени на Општиот колективен договор (ОКД) што го потпишаа Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи се дава можност да се исплати регрес на годишен одмор и во поголем износ доколку можностите на компанијата го дозволуваат тоа, а во оние фирми кај кои настанале потешкотиии во работењето по задолжителна претходна консултација со синдикатот, може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со ОКД.

– Апелираме и очекуваме дека до крајот на годината регресот за годишен одмор ќе биде исплатен и од оние работодавачи кои до сега не го исплатиле – велат од ССМ.

И од Бизнис конфедерацијата на Македонија денеска ги охрабрија работодавачите да ја исполнат оваа обврска кон вработените.

– Бизнис Конфедерација на Македонија ги охрабрува компаниите да исплатат регрес за годишен одмор К-15 и да го почитуваат законот и своите вработени, меѓутоа ги потсетуваме работодавачите тоа да го направат на прав начин, да се дооговорат со вработените за можноста на компанијата да исплати регрес, да го договори износот за регрес или да не исплати регрес за годишен одмор со дополнително објаснување и приложување на соодветна документација на увид до претставниците на вработените – се наведува во соопштението.

Задржувањето на правото за исплата на регрес за годишен одмор е резултат на преговорите и барањата на ССМ од една страна и Организацијата на работодавачи од друга страна.

Според синдикатот, задржувањето на правото за регрес за годишен одмор значи подобрување на материјално-финансиската положба на работниците и елиминирање на нелојалната конкуренција.

Обврската за задолжителна исплата на К-15 стапи на сила во 2014 година кога на вработените во приватниот сектор како средства за годишен одмор им беа исплатени по околу 8.600 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top