Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека сака „драстично да го намали“ бројот на бегалци кои пристигнуваат во Германија давајќи знак дека е можен компромис со „критичарите“ на нејзината политика на отворени врати од нејзината партија пред денешниот конгрес на Демохристијанската партија.
Меркел се спротиставува на притисокот од нејзини сојузници во партијата за ограничување на бројот на бегалци во Германија кои се очекува оваа година да бидат над еден милион.
– Во исто време ги земаме предвид и барањата на луѓето кои се загрижени за иднината, а тоа значи дека сакаме да го намалиме драстично бројот на луѓе кои доаѓаат кај нас, изјави таа за телевизијата А-Ер-Де.
Таа тврди дека во партијата има голема поддршка за нејзината стратегија за намалување на бројот на бегалци. Тоа вклучува соработка со Турција, подобрување на ситуацијата во сириските бегалски кампови во Турција, Либан и Јордан и засилување на контролата по надворешните граници на ЕУ.
„Критичарите“ на Меркел сакаат таа да го намали бројот на бегалци што пристигнуваат пред изборите во три германски провинции во март и велат дека тоа може да влијае на нејзините надежи да се кандидира за четврти мандат во 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.