Битола официјално стана членка на мрежата на креативни градови на УНЕСКО, соопшти светската организација на ООН со седиште во Париз, јавува дописникот на МИА.
Битола, стана член на мрежата на креативни градови со уште 46 други градови, со што нивниот број достигна 116 креативни градови од целиот свет. Битола е првиот град од Република Македонија кој станува член на оваа престижна мрежа лансирана во 2004 година.
Мрежата има за цел да ја стимулиура меѓународната соработка, посебно со другите градови членови на мрежата со што се истакнува креативноста да биде мотор на одржливиот урбан развој, социјалната инклузија и културното зрачење.
– Мрежата на креативните градови претставува огромен потенцијал за вреднување на културата како забрзувач на одржливиот развој и јас ги поздравувам новите градови, како и новите земји кои ја збогатија Мрежата и нејзината разноликост, изјави Генералната директорка на УНЕСКО, Ирена Бокова, која лично ја обелодени листата на новите градови членки на Мрежата на креативни градови на УНЕСКО.
Мрежата опфаќа градови од повеќе области: занаетчиство у народна уметност, дизајн, филм, гастрономија, литература и музикаж, а Битола стана членка како град на филмот.
Агендата 2030 за одржлив развој усвоена од меѓународната заедница во септември 2015 ја подвлекува важноста на културата и креативноста како поттикнувач на урбаниот развој. Во таа насока, Мрежата на креативните градови, меѓу кои сега е членка и Битола, ќе продолжи да биде клуч за придонесот во спроведувањето на оваа меѓународна агенда.
Со пристапувањето во Мрежата, градовите, се обврзуваат да соработуваат и да развиваат партнерства за промовирање на креативноста и културната индустрија. Да ги споделуваат добрите практики, да се засили учеството во културниот живот и да се интегрира културата во плановите за економски и социјален развој. Идниот состанок на мрежата на градовите е предвидена во септември 2016 во Остерсунд во Шведска.
Битола која се најде во мрежата на креативни градови на УНЕСКО во областа на филмот, се наоѓа заедно со Париз, Лион, Софија, Линц, Брадфорд и Галвеј од Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.