| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто го менуваме името на Лазарополе?

Целиот простор по течението на Радика и нејзините притоки е исполнет со населени места, во кои од памтивек живее население со христијанска и муслиманска вероисповед. И едните и другите го зборуваат најчистиот македонски јазик. И едните и другите се Македонци. Учените велат и пишуваат дека и едните и другите му припаѓаат на племето Мијаци.

Меѓу овие населени места, по надморската височина на кои се распослани врвовите на Кораб, Крчин, Стогово, Бистра со кои другаруваат како и видиците што се протегаат во видокругот, се издвојуваат две населби: Галичник и Лазорополе. Ќе пишувам за второто.

Долги години пред Втората светска војна власта што владееше на овие простори етимолошки ја преименува населбата од Лазорополе во Лазарево Поље.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, од потполно непознати причини (можеби само за мене) топонимот Лазорополе одново беше вратен, но не како Лазорополе туку како Лазарополе. Се ми се чини дека дел од челните раководители на задругата сакаа со тој чин да му се додворат на Лазар Колишевски, претседател на првата влада на Народна Република Македонија. Тој беше редовен посетител на селото. Дури му изградија во најубавиот дел на ливаѓето и вила (која и денес ретуширана постои) и ја нарекоа Лазова вила.

Помнам, кога Лазар Колишевски доаѓаше на лов по диви кози во месноста Брезовец над селото Тресонче отседнуваше во неговата вила, а одбрани девојки ќилимарки, облечени во мијачка носија го послужуваа и му пееја песни, како на најмил гостин. Во првите години од формирањето на задругата беше покрената и реализирана идејата за издавање списание „Лазарополе“ кое излегуваше еднаш месечно, а го уредуваше Петар Попоски. Му помагал (барем сега така вели) Коста Балабанов. Во еден од броевите на месечникот „Лазарополе“ беше објавен текст со наслов „Лазарополе ќе стане голем град“, изјава на Лазар Колишевски. Не стана ама преправениот топоним на селото остана засекогаш.

Населбата како наследство од минатото, ја има црквата „Св. Ѓоргија“ Богато изградена од големиот ќаја Ѓурчин Кокале како ктитор „заедно со сите селани лазоровци“ како што пишува на влезот од јужната страна и уште побогато украсена со фрескоживопис од двајца великани на македонското зографство од 19 век. Првиот е Михаил од Самарина, а вториот – неговиот најдобар ученик, кој ќе го надмине во неговата зрела фаза, зографот Дичо од Тресонче.

Таму, во црквата почната да се гради (доградува) во 1832 година, а доградена и живописана и осветена во август 1841 година, на три места е запишано правото име на селото – за првиот веќе пишувавме, но еве да повториме. Во натписот од надворешната страна на црквата (јужен влез) стои исклесано „… сосеми братие селани ЛАЗОРОВЦИ“.
– Во ктиторскиот натпис што е на јужниот пиластар стои напишано „…во село Лазорополе“.
– На платното со верски мотиви изработено во 1903 година, а изложено во просторот каде што е поставена изложбата „Галерија на икони“ одбележани с е годината на изработката на платното и местото Лазорополе.
– И уште еден, дополнителен податок: нашите постари секогаш велеа „Мие сме лазоровци“, а ниту еднаш: „лазаровци“.
Овие факти не можат да се игнорираат, а ниту да се побијат. Уште помалку да се избришат. Тие постојат и ќе останат засекогаш како траен неизбришлив траг, документ и сведоштво за да не потсетуваат и да не удираат како со чекан дека треба нешто да сториме. Прво со себе, а потоа и пошироко, за да се исправи нешто што е сторено од малку знаење или од незнаење.

Најголем грев е да се преправат топонимите, оронимите како и хидронимите. Ако тие опстојале со векови, грев е без никаква потреба да се изменат во денешно време. Кога тоа не го сторил верникот што отишол на поклонение и исцелување или да приложи дарови за здравје во манастирот во селото Слепче во втората половина на 15 век, зошто да го правиме тоа ние. Старите пишани извори и картографски дела говорат дека топонимите оронимите и хидронимите на нашите простори се автентични словенски називи. Зошто да се покријат тие стари етнонационални белези. Зошто да не се знае дека Бокчедол е долина на Божјите чеда. Или пак – Лазор – што означува овој збор? Поимот Лазор на старословенски значи простор, оголен и истребен од шума. А таков е целиот терен, сета околина на селото. Оттаму, веројатно е и името на селото. И не Лазарополе, како што е нормирано во литературниот македонски јазик, туку Лазорополе.

Новите настојуваа по Втората светска војна да се промени името во Лазарополе кои имаа цел засекогаш да се избрише секаква трага, секаков знак белег и спомен меѓу постарите тешко минуваа. Тие никогаш, ама баш никогаш немаше да ви речат „мие сме лазаровци“ туку напротив со некоја особена гордост ќе ви речеа: „мие сме лазоровци“. Со тоа одбиваа да го прифатат новото име. Тоа е и разбирливо, зашто тие, постарите се дел од неговото древно старинско етногено и национално потекло и наследство.

Од книгата „Кажување од гредана“ од Блаже Смилевски, Скопје 2011. (Подготви Марко Китевски)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top